Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред 14 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

По повод 14 -годишнината од загинувањето на нашата и балканска голема музичка ѕвезда ултрамаратонците го започнаа својот маратон за на 16 октомври напладне да стигнат во родното Крушево на Тоше и на неговото вечно почивалиште, на Гумење, за да му оддадат почит на големиот музичар и хуманитарец.

Петмина ултрамаратонци се веќе во Хрватска и денеска, околу 17 часот ќе го почнат симболичното истрчување на 15 километри од Нова Градишка, од местото на големата трагедија пред 14 години. Уште 10-те ултрамаратонци, својот маратон до Крушево и до Гумење ќе го започнат утре, на 15 октомври околу 14 часот од граничниот премин Табановце, па преку Скопје да стигнат до Крушево на 16 октомври напладне.

Сите 15 ултрамаратонци на 16 октомври напладне од крушевчани ќе бидат пречекани со црвени рози.

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981. и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997. година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ. Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик.

Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.