На денешен ден во 1993 година заедно во смрт отидоа “сараевските Ромео и Јулија”, Адмира Исмиќ и Бошко Бато Бркиќ, двајцата родени во 1968 година. Парот каде и да се појавел привлекувал внимание, таква спонтаност ретко се забележувала, а за нивната љубов зборувало цело Сараево. Подготвувале венчавка ама не ни претпоставувале какво зло и лудило ги демне.

Додека Сараево било под опсада, Адмира и Бошко сонувале за слобода и заеднички живот, па после една година живот под опсада одлучиле со помош на пријатели да го напуштат градот и да создадат некаде свое гнездо.

Така, тој кобен 18 мај 1993 година, во договор со заеднички пријатели започнале со реализација на планот за напуштање на Сараево. Околу 17 часот пристигнале до мостот Врбања. Започнале да трчаат држејќи се цврсто за раце. Снајперски куршум прво го погодил Бошко кој паднал како покосен на земјата. Куршумот бил смртоносен. Вториот куршум бил наменет за Адмира, која иако тешко ранета некако успеала да доползи до Бошко и да му легне во прегратка. По некоја минута и таа починала.

Мртвите тела на Адмира и Бошко седум дена лежеле на средината на мостот Врбања. После седум дена телата се извлечени и погребани.

Трагичната приказна на овој млад пар ја пренесоа сите светски медиуми, а подоцна се напишани и многу статии и книги, а снимени се и филмови. CNN прв ги нарече “Сараевски Јулија и Ромео”.