На денешен ден во 2015 година, Гордана Јанкуловска, блиска соработничка на екс-премиерот Никола Груевски, по дадената оставка од позицијата министер за внатрешни работи, преку социјалната мрежа Фејсбук му се заблагодари Груевски за укажаната доверба.

“Во изминативе години не штедејќи време и енергија работев професионално и посветено секогаш раководејќи се од интересите на граѓаните и пред се’ раководејќи се од интересите на Македонија. Му благодарам на Премиерот Груевски за дадената доверба…” – напиша Јанкуловска на Фејсбук.

Оставката следеше по силниот притисок на домашната јавност, на меѓународната заедница, особено на амбасадорите на САД и на најголемите земји-членки на ЕУ по полициската акција во “Диво насеље” во Куманово, во која загинаа 8 полицајци. “Диво насеље” до ден денес останува енигма, особено заради тајмингот и политичкиот контекст во државата во моментот кога се случи, а Јанкуловска ќе остане запаметена по тоа што и беа потребни дури 20 часа за да излезе пред македонската јавност и да ја извести дека во Куманово се водат борби со терористи и има загинати припадници на полициските сили.