Во ноќта меѓу 15 и 16 јануари се извршени двете најмасовни и најбрутални стрелања во Титова Македонија. Без судење и почитување на пресумцијата на невиност, во најголема тајност и итност, од истражниот затвор на ОЗН-а во Велес се егзекутираа 53, според најновите истражуања 86 затвотреници, а во Куманово 48 затвореници под глобално сомневање дека се „народни непријатели“. Полувековниот молк го прекинал Титовиот биограф, политичарот и академик д-р Владимир Дедиер кој во април 1990 година во двонеделникот „21“, орган на ЦК СКМ, отворено го обвинил некогашниот шеф на КОС, генералот Јефто Шашиќ кој во Велес „една ноќ ги зграпчил затворениците за гуша и без сослушување сите ги стрелал“.
Во автобиографските белешки, објавени посмртно во 1999 година претседателот на Президиумот на АСНОМ Методи Андонов Ченто обелоденил дека за стрелањата во Велес и во Куманово дознал од семејствата, откако тие биле извршени без да биде информиран и консултиран. Како иницијатор тој го посочил Едвард Кардељ, а за наредбодавач Лазар Колишевски. Истиот ден отпатувал за Белград каде објаснување побарал од маршалот Тито кој исто така не бил информиран и веднаш издал наредба да престанат стрелањата без судење. Според д-р Дедиер, во тој период во Југославија без судење биле ликвидирани 140.000 луѓе.