На денешен ден во 2017 година се случи „Крвавиот четврток“ или срамниот упад во Собранието — насилен инцидент кога околу 300 лица од здружението „За заедничка Македонија“ упаднаа во Собранието со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Македонија. И покрај упадот и насилството, Џафери беше избран за претседател на Собранието, а неговиот избор беше признат од САД, Европската Унија, како и од меѓународната заедница освен Русија.

Додека траеше конференцијата за печат на новиот собраниски претседател во една од конференциските сали, луѓе од „За заедничка Македонија“ кои во тој момент протестирале пред Собрание, насилно влегоа во парламентот за физички да се пресметаат со пратениците. Полиција во тој момент немало, па демонстрантите лесно го совладале собраниското обезбедување. Маскирани лица со фантомки влегле во салата за печат и ги нападнале присутните пратеници и новинари.

Со видливи телесни повреди и крв по лицето биле и пратениците на СДСМ, меѓу кои Зоран Заев, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Дамјан Манчевски, и Максим Димитриевски. Тие биле удирани со држачи за камера по глава и врз нив било фрлано со стативи, маси и столици. Пратеникот од Алијанса за Албанците Зијадин Села паднал во бессознание од ударите, по што насилниците го влечеа по под и го шутираа. Села заврши во болница со скршеници и нагмечување на мозокот, но беше надвор од животна опасност.

Два дена по настанот, полицијата приведе неколкумина учесници во нападот на Собранието. Помеѓу напаѓачите имаше и вработени во полицијата и армијата, како и поранешни затвореници осудени за тешки кривични дела.

На 15 март 2019 година на 16-те обвинети за насилствата на „Крвавиот четврток“ им беа пресудени вкупно 211 години казна затвор за предизвикување страв и загрозување на безбедноста на граѓаните со цел уривање на уставниот поредок.

НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ!

Најкрвавото објавено видео од немонтирани материјали: