На денешен ден, 24 јануари, во 1929 година, во Софија, умрел Васил Главинов, еден од првите организатори на социјалистичките идеи и организатор на работничкото движење во Македонија, поборник за балканска федерација. Во 1894 година во Велес формирал читалиште, односно прво просветно работничко друштво, а во 1896 година, во Софија, македонска социјалистичка група. Учествувал на Првата балканска социјалистичка конференција во Белград, во 1910 година. Роден бил во Велес, околу 1869 година.
Во 1895 година македонската социјалистичка група на Главинов го издава своето прво гласило, „Револуција”, а во 1898 година и весникот „Политическа свобода”. Се издаваат и низа прогласи и брошури, што потоа конспиративно се префрлаат во Македонија.
Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите се залагаа за ослободување на Македонија. Во таа насока имаа одредени контакти со ТМОРО. По одржувањето на Првата социјалистичка конференција на 3 јули 1900 година близу Крушево дел од македонските социјалисти се вклучија во нејзините редови и активно учествуваа во револуционерното движење.