На денешен ден во 1898 година, Француската академија на науките објави дека Марија Склодовска – Кири, хемичар и физичар од полско потекло откри нов елемент кој го доби името радиум.

Заедно со Пјер Кири и Анри Бекерел, ја добила Нобеловата награда за физика во 1903 година, „како признание за исклучителниот придонес во нивното заедничко истражување на феноменот на радиоактивноста откриен од Проф. Анри Бекерел“. Така, таа станала првата жена добитник на Нобеловата награда. Осум години подоцна, ја добила и Нобеловата награда за хемија во 1911 година „како признание за нејзиниот придонес за напредокот на хемијата со откривањето на елементите радиум и полониум, со изолирањето на радиумот и со проучувањето на својствата и соединенијата на овој значаен хемиски елемент“. Необично, но намерно, Марија Кири не го патентирала процесот на изолирање на радиумот, со цел научните кругови да можат непречено да истражуваат.