9 мај 2015 година, 04:30 часот, рани мугри, Кумановчани ги слушаат првите истрели…никој сè уште не знае ни кој, ни како, ни зошто…

10 мај 2015, 10:00 часот, крај на крвавиот поход на македонските полициски сили, јавноста веќе од медиумите дознава дека борбите се воделе во густо населеното “Диво Насеље” близу автопатот Куманово-Скопје, полициските сили се пресметувале со самодекларирани терористи во униформи, но сè уште не знае ни како, ни зошто…

Јавноста не знаеше што точно се случува заради тоа што на тогашната власт и на тогашната министерка за внатрешни работи Јанкуловска и беа потребни дури 20 часа да излезе пред македонската јавност и да објасни што се случува. Во исто време, да потсетиме на тогашната власт секојдневно и се случуваат масовни протести, граѓаните се излезени на улиците и бараат промени…

28 часа непрекинати пукотници, 8 припадници на МВР тој 10 мај не излегоа живи од “Диво насеље”, а 37 беа ранети. На другата страна 10 убиени, триесетина приведени.

Краен епилог од настаните се оставки на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и на директорот на УБК Сашо Мијалков.

Но, до ден денес останаа неодговорени клучните прашања кој го режираше “Диво Насеље”, дали некој се заигра, па играта отиде предалеку, кој сакаше војна, кој сакаше дефокус од реалноста, има ли политичка позадина, скриени договори и калкулации, дали режисерите добија казна или само извршителите?

Она што со сигурност е јасно дека за среќа идејата за конфликт на етничка основа се изјалови, но за жал нечии туѓи гревови на свои плеќи го понесоа 8 припадници на полициските сили, нечии синови, браќа, родители…

Слава им!