vistinata za makedonija

На 25.02.2015 г или пред точно пет години, на прес конференција во СДСМ, Зоран Заев ги објави аудио снимките од кои можеше да се слушне дека над 100 новинари биле таргет за прислушување на УБК и на кој начин се нарачувале прилози во медиумите вклучувајки го и јавниот сервис.

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 25.02.2015

Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

Знам дека Вистината за Македонија, и од овие материјали што досега ги објавивме, e запрепастувачка, тешка, болна, несфатлива за еден нормален човек.

Денеска почитувани граѓани и новинари, ќе објавиме дополнителни докази и аргументи за суровата и свирепа вистина, за механизмите на тоталната контрола што ја имаат воспоставено Никола Груевски, братучедот Сашо Мијалков и уште неколкумина нивни соработници. Како овие луѓе успеваат да диктираат и креираат лажна реалност, на тој начин одржувајки се на власт.

Денеска обелоденуваме дека сето ова се прави, директно од еден центар, Управата за безбедност и контаразузнавање во чиишто машини за обработка, следење и прислушување, се ставени над 100 новинари во Република Македонија.

Според материјалите што се доставени до нас, следени и прислушувани се сите, и новинари од провладини медиуми и професионални новинари кои критички ги опсервираат состојбите во Македонија.

За првите, уредниците во провладините медиуми, имаме аудио материјали кои ја разобличуваат директната спрега: премиер – УБК – медиуми. Како лично директорот на УБК, Сашо Мијалков, координирано со премиерот и негови соработници, во вистинска смисла на зборот владеат и менаџираат со медиумите и новинарите, не само во приватни медиуми, туку и во националниот сервис МТВ.

Од првата снимка ќе слушнете како министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска нарачува кај шефот на кабинет на Груевски, Мартин Протогер медиуми што треба да покријат настан во организација на МВР.

Во следната снимка ќе слушнете како блиски соработници на Груевски најдиректно се јавуваат кај главниот и одговорен уредник на телевизија Сител, да нарачаат прилог. Но она што е поскандалозно во оваа снимка е признанието на уредникот Латас, дека вестите на Сител се полни со пропаганда, прилози и анкети по директна нарачка на премиерот Груевски, или “од кај твојот премиер“, како што и се обраќа Латас на налутената Канческа Милевска.

Еве како ќе помине новинар во националниот сервис, МТВ, кој ќе се спротивстави на наредба лично од министерката за внатрешни работи, Јанкулоска. Од овој разговор на Јанкулоска со нејзиниот помошник и портпарол на МВР, Иво Котевски се дознава дека министерката забранува емисија и се заканува дека ако тоа не се испочитува, новинарката “ќе лета“ од работа.

Следниот прислушуван разговор на Латас со директорот на УБК, Сашо Мијалков почитувани граѓани, открива директно признание на директорот на УБК, братучедот на Груевски, Мијалков дека тој, како што самиот вели, ГО СРЕДИЛ ВЕЛИЈА! Директорот на УБК, како што се дознава не е задоволен од тоа што го добива за возврат од Сител и Канал 5, коишто, како што самиот кажува добиваат и милиони. Мијалков ја споменува сумата од 2 МИЛИОНА ЕВРА.

Фрапирачкото признание на директорот на УБК, Мијалков, дека го средил Велија, не е единствениот “масакр“, нема за жал друг посооодветен збор, на ова што го правеле Груевски и Мијалков на медиумите. Од наредниот разговор на Јанкулоска со Мијалков, се потврдува дека директорот на УБК, во координација со Груевски и со извршниот директор на МПМ, Срѓан Керим, “ги средил“ и трите весници на МПМ. Слушнете.

Во последната снимка за денеска ќе слушнете како Груевски барал од министерот Јанакиески од сметката на АЕК да префрли ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА исплата за направени документарни филмови. Груевски нарачува кај Јанакиески да ги оправда парите под ставката “општествена одговорност“, а за да биде веројатно впечатокот посилен, првиот да бил патриотски документарец насловен “за македонската борба за слобода“.

Овие снимки почитивани граѓани и почитувани новинари, за жал не се `се.

Ова што ќе го слушнете во продолжение дополнително ќе ве шокира, како што бевме шокирани и ние, кога храбрите луѓе од службите на Груевски, не можејки да го држат повеќе товарот, ги споделија овие материјали со нас.

Како што реков следени и прислушувани биле над 100 новинари. Тоа се правело при нивната меѓусебна комуникација и комуникацијата со јавни личности.

Овие материјали што ги добивме, со назнака од УБК, покажуваат дека професионалните, критички новинари, биле посебно следени и педантно анализирани во писмени извештаи на УБК.

Назнаката на анализите за секој новинар поединечно е Управа за безбедност и контраразузнавање.

Денеска ќе ги доставиме овие материјали до новинарите на кои се однесуваат. Ќе можат да ги подигнат, по прес конференцијата, лично. Во 20-те илјади прислушувани граѓани се преплетуваат и многу други новинари, така што во периодот што претстои, постојано ќе ги проследуваме материјалите до новинарите кои биле предмет на следење и анализи на УБК.

Како работел Никола Груевски со групата соработници околу него, покажува овој Извештај од УБК, од следење и анализа на известувањето на критичките новинари.

Називот на документот е Извор од интересот и комуникациите на опозициски настроени новинари за работата и заклучоците на Комисијата за настаните во Парламентот од 24 декември 2012 година!

Замислете, во време кога работела Комисијата за 24 декември, Груевски и  соработниците прислушувале новинари за да прават стратегија за своите позиции и настапи. Грозно!

Ова е силен удар врз сите општетствени процеси во Македонија, за коишто после ова денеска веќе никој веројатно нема да има минимум дилема под каков режим живееме години наназад за време на владеењето на Груевски.

Најтешкото го оставив на крај, затоа што е мачно и да се изговори, а не да се зборува.

Почитувани граѓани,

Најследен, најприслушуван, со години таргет на тајните полициски служби на Сашо Мијалков е доајенот на новинарството во Македонија, уредникот, новинар и сопственик на неделникот ФОКУС, Никола Младенов.

Неговиот предмет бил воден под посебен назив во УБК: Извод од базата на податоците на УБК за контролата на комуникациите на сопственикот на неделникот Фокус, Никола Младенов 2011/2013 година.

Ова досие му припаѓа на семејството на Никола Младенов и ќе им биде врачено на начин на којшто тие самите ќе одлучат.

Ќе ве замолам да ја сфатите сериозноста на овој материјал и зошто не би сакал денес да говорам повеќе околу ова, што не значи дека во иднина нема да зборувам за овој материјал!

Почитувани граѓани, почитувани новинари, пријатели, другари,

Ова е уште едно мало парче од потресувачката Вистина за Македонија, во каква држава живееме и со кого си имаме работа.

Денеска целата домашна и меѓународна јавност слушна дека цел на прислушување се и новинарите и сопствениците на медиумите.

Искрено се надевам дека од денеска, во интерес на граѓаните и во интерес на јавноста во Република Македонија, сопствениците, уредниците и новинарите во медиумите под контрола на власта ќе се одважат и охрабрат, а со тоа и ослободат од стегите на власта.

Продолжуваме. Ова зло ќе го запреме, ви ветувам и никогаш повеќе да не се повтори.

Одговори на новинарски прашања, СДСМ

Медиуми: Господине Заев како да знаеме дека материјалите што ќе бидат доставени денеска до новинарите, се единствените копии и дека немате други копии во вас?

Заев: Има кај Сашо Мијалков. Ако го гледате црвенилото во моите очи, тоа е работење до наутро. Зошто? Заради вниманието на сериозноста и ненавлегувањето во личниот аспект на сите овие разговори. Сето она кое што ќе го обработуваме во периодот којшто следува, а некои новинар има интерес да го добие, секако, доколку е мета на прислушување, ќе му биде доставено.
Јас сум само оној кој го претставува опозициониот дел, што добил нешто, далеку од реалноста, далеку од нормалноста, а е потврда за забеганоста на власта којашто го правела сиве овие години. Искрено се надевам дека нема да излезе она што не е дозволиво за новинарите, за мене, за кој било од власта, за кој било граѓанин или за кој било опфатен. Така да, секој оној кој е заинтересиран, а постои за него материјал, како го обработуваме, така може и да го доставуваме.

Медиуми: Господине Заев дали има судски налог за прислушување на новинарите или е тоа правено без налог?

Заев: Без налог е правено. По нашите закони, 4 месеци се добива од судот решение за воспоставување ПИМ мерки за следење на комуникациите. Нашиот закон, Кривичниот закон, вели дека, во екстремни случаи, кога не знам како е загрозен интегритетот и опстојувањето на државата, е возможно да се дојде до 14 месеци. Огромен број од овие над 100 новинари кои се следени, се следени со години, повеќе од две, од три, најверојатно некои и од 4 години, како што е Никола Младенов и неколку други новинари. Апсолутно, не постои можност, ниту суд, ниту кој било претставник на правосудните институции, да даде решение, дури и да сака, законот тоа не го дозволува, и во таков случај тоа решение би било ништовно.

Медиуми: Господине Заев, додека еве вие држите прес конференции и ги објавувате “бомбите“, од друга страна една група се движи низ Македонија и одржува трибини, наводно во одбрана на Македонија. Како ќе ја искоментирате оваа организирана група којашто се среќава со членови, најчесто блиски на ВМРО-ДПМНЕ?

Заев: Најверојатно се сака да се претстави дека сме демократска земја и дај Боже и да бидеме демократска земја како што треба и како што заслужува нашиот народ. Секој има право да реагира и да се однесува онака како што мисли дека е добро да се однесува. Јас само ќе кажам дека со текот на одминување на деновите, овие луѓе ќе престанат да одат, заради тоа што досега ова што го објавуваме е подготовка на нашиот народ на нозе да го дочека тоа што следува. А, знам дека овие луѓе еден ден ќе се срамат од своите деца.

Медиуми: Господине Заев дали имате некои докази, или снимени снимки од она што наликува на смртта на Младенов? Значи, на дента или претходно?

Заев: Сé што имаме докази ќе објавиме. Го ветивме пред граѓаните, за сé што постојат докази, за кој било предмет, за кој било случај, ние ќе го објавиме.