„Од последните активности на уште несовладаниот национализам на Груевски ние и сега можеме да видиме дека играат на карта на национализам, дека опасност нè демне, од да речеме, албанската страна, што е неверојатна глупост, затоа што не можам да верувам дека ние сега овде седиме и разговараме за некаков си мултикултурализам, за национална поделеност во денешно време. Ако овој проблем би го спомнале да речеме во Америка или било која европска земја, сите ќе се смеат и ќе се чудат „за што говорите вие?“. Зарем е тоа толку битно и толку голем проблем кај вас? Како да стоиме 5 века наназад“, вели актерот Петар Арсовски во интервју за ФРОНТЛАЈН.

На прашањето „Колку претходната власт играше на етничка и националистичка карта за да добие политички поени?“ Арсовски вели:

-Они добиваа политички поени, но привидни. Тоа се покажа по Шарената револуција и особено се покажува сега кога сите партии, и албански, и турски и од другите народности, се приклучија кон владејачката партија, како коалициони партнери.

Играјќи на таа етничка нетрпеливост и истакнувајќи ги другите ентитети како непријатели, како нешто против кое треба да се бориме за да го истакнеме македонизмот и национализмот изгуби не само партнери, туку изгуби граѓани, соработници, изгуби една многу битна страна од популацијата којашто ќе му беше драгоцена и којашто на сегашната власт и е четврта нога за да може да стои цврсто и да може да смета на понатамошен прогрес, понатамошен развој, за остварување на сите оние ветувања и планови што ги има пред себе…