Приказната за Димитар А. Трамп – малку подолга анализа

Иако сите знаеме дека апасиев е паметен дечко со 10,00 просек на Правен (нешто што тој ретко пропушта да го каже или на сила да се обиде да го покаже), овој национал-шовинистички отров од пропаганда не е негов изум. Истото го направи и Трамп во САД во 2016 година (со не така мала помош од нивниот заеднички пријател, Путин – нешто што го констатираше и самата разузнавачка заедница на САД).

Секој прогрес во одредена држава нужно носи и чуство на разочараност кај оние луѓе кои се скептични дека тој прогрес ќе го подобри општеството. Тоа се случи во САД кога Барак Обама стана првиот афроамерикански Претседател на нацијата и кога го донесе законот со кој се олеснува пристапот на мигранти кон американско државјанство кој опфати голем број латиноамерикански мигранти во САД (DREAM Act) – тоа се случи и кај нас со договорите со Бугарија и Грција, со регулирањето на двојазичноста и внесувањето на Охридскиот рамковен договор во Преамбулата на Уставот на РСМ.

Во тие моменти, за голем број граѓани помислата за „враќање кон старите, добри времиња“ е многу побезбедна од несигурниот пат кој стои пред нив, а поделбата на „наши“ и „нивни“ (при што вината за сите неправди се препишува на „нивните“), нуди многу поносталгична привлечност од обединето преземање одговорност и разумно планирање на следните чекори.

Одговорните политичари и политичарки ги слушаат и ги адресираат ваквите грижи на граѓаните и прават се’ што можат за да го обединат населението кон иднината – често на сметка на сопствениот политички рејтинг. Неодговорните популисти кои целат само кон власт и моќ исто така ги слушаат ваквите грижи и стравови. Но, наместо да ги адресираат, тие ги молзат за ефтини политички поени, ги амплифицираат до крајна поларизација, радикална поделба и отворено насилство, а својата кариера ја градат врз пепелта на демократските процеси и институции.

Фактот дека Левица нема да бидат дел од идната влада не е олеснителна околност – туку напротив – нивните апетити не завршуваат со два, ниту со дваесет пратеници. апасиев ќе ја (зло)употреби опозициската положба за зацврстување и зголемување на своето гласачко тело – исто како што Трамп стори кога првиот пат не му успеа кандидатурата за Претседател во 2012 година.

Трите постулати на кампањата на Трамп во 2016та беа: 1. Дека ќе изгради ѕид на границата со Мексико и дека токму Мексико ќе ја плати сметката за тој ѕид; 2. Дека кривично ќе ја гони и ќе ја затвори Хилари Клинтон „за големите злодела против американскиот народ“; и 3. Дека ќе го „исцеди мочуриштето“ – фраза која во САД се користи во насока на елиминирање на бројните бизнис и финансиски интереси од политичките процеси во државата и на зголемување на граѓанското учество.

1. Ѕидот на Трамп и мексиканската сметка. Оваа порака содржи многу повеќе од куп бетон, арматура и буџетски трошоци. Таа содржи шанса за брз и лесен лек за тоа, од што голем број загрижени Американци најмногу се плашеа – дека „лошите“ Мексиканци ќе дојдат во САД и за помала плата ќе им ги земат работните места на Американците, неповратно повредувајќи ги нивните права. Уште повеќе, оваа порака содржи и казна за Мексико во вид на сметката за ѕидот – со што Трамп вети дека не само што ќе спречи идни „неправди“, туку и ќе обезбеди сатисфакција за „неправдите“ од минатото.

Поништувањето на договорите со Бугарија и Грција се „ѕидот“ на апасиев, а поништувањето на Рамковниот договор е неговата „мексиканска сметка“ со која тој ветува дека „лошите Албанци ќе платат за се’ што сториле“ и дека ќе обезбеди правда за наводно обесправените.

2. Затворете ја!!! Оваа порака има двојна улога – нуди лична идентификација на виновник и ветување за крв, во вид на затворска казна. Истото го прави и апасиев, хистерично дерејќи се каде стигне дека ќе не затворел сите кои сме ја предале нацијата со поддршката на Договорот од Преспа, а најмногу за „злоделата против македонскиот народ“ ќе го казни најголемиот виновник – Никола Димитров. По изборите, најавата за затворање не беше доволна, па еволуираше во закана за стрелање.

За појаснување – Да, целосно сум свесен дека и ние викавме „Мафија на робија“ и дека груевски ќе лежи. Ама, споредбата помеѓу криминалите на режимот и „криминалот“ на Договорите со Бугарија и Грција, или на Никола Димитров е споредба помеѓу баби и жаби и немам никаква намера да се објаснувам со оние ќе ме убедуваат во спротивното.

3. Исцедете го мочуриштето. Дури и во најразвиените држави во светот, политичките процеси знаат да бидат многу валкани, а гласот на крупниот капитал често го задушува гласот на обичниот граѓанин. Поради тоа, ветувањето за намалување на влијанието на капиталот и зголемување на граѓанското учество во политичките процеси, односно ветувањето за „власта кај народот“ – е најлесното ветување кое сите политичари без размислување го декларираат во своите кампањи.

Испораката на тоа ветување, што несомнено се случи во последниве четири години во Северна Македонија е тешкиот дел, друштво.

Трамп не го изгради ѕидот, а уште помалку им ја испорача сметката на Мексико. Бидејќи лесните лекови за големите проблеми се невозможни. Ниту правно, ниту политички. Трамп не ја затвори Хилари, бидејќи немаше основ за тоа. А денес, мочуриштето во Вашингтон е пополно од кога било претходно – бидејќи полесно се креираат политики со бизнис групи кои имаат финансиски интерес од нив, отколку со критички граѓани чиј интерес е исклучиво вредносен.

Ама затоа, Трамп ја уништи општествената кохезија во САД и го поларизираше населението како ретко до сега. Го закочи системот од внатре, ја девалвираше положбата на САД во меѓународната заедница, а најмоќната јавна функција во светот ја претвори во обична шега која одамна не е смешна, туку трагична.

димче не може да ги поништи договорите со Бугарија и Грција, а уште помалку Рамковниот договор, бидејќи тоа е правно и политички еднакво на научна фантастика. димче не може да ги гони пратениците за нивното гласање, бидејќи се заштитени со Уставот. Со најавата за кривична одговорност или за стрелање може само да се слика (што и го прави, повторно и повторно). Исто така, се’ додека го крие вмровскиот лав во срцето, тој не може ниту да се справи со влијанието на крупниот капитал врз политичките процеси – бидејќи газдите нема да му го дозволат тоа. И за крај, неговиот став за слободната мисла и вистинската критика е одамна и добро познат.

И димче го знае ова – ама воопшто не му е гајле. Не му е гајле за емоциите на Македонците кои ги злоупотребува, ниту за нацијата. Како за Трамп, и за димче овие зборови се само голи флоскули со политички употребна вредност и ништо повеќе од тоа.

Но, тоа што тој го знае, е дека неговите гласачи сега имаат очекувања од него, без разлика што нема да биде на власт. Зане и дека преку блокирање, карикирање и понижување на се’ што значи систем – неговата популарност само ќе расте, бидејќи така неговите поддржувачи конечно ќе почуствуваат дека некој го зае*ал системот во нивно име, колку и тоа чуство да е засновано само на лажни ветувања и вистински опструкции.

Затоа, нашиот Трамп е поопасен од американскиот, бидејќи за разлика од него – фашистов од Велес е учена будала, другари и другарки. А тие се најопасните.

Фејсбук пост на Павле Богоевски