Како што е официјално соопштено, при претставувањето на новата методологија за водење на преговори со земјите кандидати за влез во ЕУ, Македонија ќе ги отвори и ќе ги затвори преговорите со најважната тема за Унијата: функционирањето на правната држава. А помеѓу почетокот и крајот на така водениот процес, Унијата воведува механизам за СУСПЕНЗИЈА на преговорите доколку она што е ветено на почетокот и тоа како се сработува предвиденото не ги дава потребните резултати. Комисијата ќе има зголемени надлежности за контрола на спроведеното, а се планира и повремена, најавена и ненајавена „теренска“ контрола од посебно формирани „инспекции“ од земји-членки на ЕУ за тоа што и како, всушност, работиме. Ако е потребно, дури и поминатите области од преговорите ќе можат да се вратат на нулта-точка, доколку се констатираат потфрлања или регресија во спроведувањето на реформите.

Перфектно! Со ваквиот нов пристап, ЕУ сака да ја сведе на минимум внатрешно-политичката „глумажа“ на властите во Скопје (и другите главни градови на кандидатите со кои се преговара) дека многу се трудиме, а во реалноста недоволно (и во квантитет и во квалитет и во временска рамка) менуваме.

Ова е одлична вест за граѓаните на државава и лоша најава за нивните политички избраници. Последиците врз тоа како функционира нашиот политички систем ќе бидат драматични. Јасно е дека ЕУ ќе инсистира на конкретни резултати, а не на реформските скаски произлезени од апстрактните политички договори потпрени врз гнилите меѓупартиски компромиси договарани на лидерски средби и други заткулисни пазарења.

Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦИВИЛ Медиа прочитајте ја тука