Навидум добронамерна докторка, со совети за чекори што и онака се подразбираат и секако се преземаат, во услови на здравствен систем што го разори нејзината партија, д-р Нелоска тргна во борба против своите колеги, оние што деноноќно се на првите линии на фронтот за одбрана на здравјето на луѓето.
За кого се работи? Д-р Ленче Нелоска, дерматолог, била и на одговорни функции за време на режимот, се обиде да се претстави пред јавноста во најдобро светло. Нејзиното обраќање на социјалните мрежи и пред камерите е добро осмислено, со низа отворени, но и исто толку прикриени пораки. Се разбира, нејзиниот пост на Фејсбук пред две недели веднаш најде свое место во партиските гласила на ВМРО-ДПМНЕ, а по нејзиниот настап на Топ Тема, ја цитираат и низа други медиуми.
Оваа докторка може да добие и прекар Магелан, бидејќи „откри“ дека светот е во војна со корона вирусот. Таа во своите, ни малку наивни, јавни настапи „предупредува“ дека со вакво управување со здравствената криза, нѐ очекува италијанското сценарио. Ви текнува? Нејзината партија би била подобра.
Оваа госпоѓа пишува и зборува, но и не кажува доволно. А тоа што не го сподели со јавноста се нејзините фотографии со врвот на партијата што ја зароби државата и „патем“ го уништи здравството, како и со напаѓачи (и нивните водоносци) на Собранието на 27 април 2017 година.
Нелоска во своите јавни настапи раскажува сказни за војната против корона вирусот, но самата е во поинаква војна – пропагандна. Нејзините мотиви се далеку од тоа да се приклучи во војната против корона вирусот, иако е медицинско лице. Наместо тоа, д-р Нелоска ја злоупотребува својата професија за партиски цели.
Нејзиниот лидер, на пресови, раскажува дека не е време за политикантство, а сѐ што прави е чиста манипулација и валкана пропаганда. Така и таа држи лекции што треба да направат здравствените власти во земјава, а во суштина работи на тоа тие власти да доживеат неуспех, за нејзината партија да добие предност. По цена на мирот, здравјето и животот на луѓето, таа се впушта во пропаганда што не значи ништо освен политичка пресметка со ниски удари. Повторно, на сметка на здравјето и животот на луѓето.
Извор: Цивил Медиа