Се поставува прашање дали Мицкоски има коалиционен капацитет? Мислам дека прашањето или дилемата е погрешна. Прашањето кое треба да се постави е следно: дали Мицкоски знае да препознае дека нема демократски капацитет во своите партиски јадра, а потоа ќе биде многу лесно да се отвара дебата околу тоа дали ВМР0-ДПМНЕ има во себе коалиционен капацитет.

Во новите и во старите демократии на европскиот континент, екстремната десница (има ли десница која не е екстремна?) е популистичка, авторитарна, ксенофобна, ултра-конзервативна. Таква е нејзината природа, а таа природа не е демократска.

Во некои други и поинакви земји, да речеме Русија, Унгарија на Орбан и слични, таму имаме авторитаризам или „илиберална демократија“; таквиот поредок, имено, знае потполно да го поклопи општеството. Ако тоа го апсолвиравме, тогаш се поставува ново прашање кое вели: што е она кое постои во демократски општества?

Во демократски општества постојат не само партии, туку и граѓански организации и иницијативи, независни медиуми, истакнати поединци чиј главен збор има тежина – најчесто таквите луѓе се и под најголем притисок, практично без нормален простор и регулирани услови за политичка борба.

Со опозиција како ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Мицкоски, Македонија побрзо ќе стане Руска губернија или Орбанова „илиберална“ демократија, отколку пристојна, нормална и модерна Европска држава. Како е сега тоа можно? Па, можно е затоа што историјата си го брка својот опаш и има шанса повторно да „склизнеме“ во исто ако не внимавеме или само за момент се опуштиме. Мицкоски својот „национален интерес“ го гледа во 1) политичката олигархија; 2) окупација на јавните простори; 3) личен заштитник на сите институции во државата; тие се неговите постулати на кои живее и егзистира во политиката. Нема друг образец, нема друга парадигма. Вечно враќање на исто. Целта, во конечноста, се разбира (ако претпоставиме направи влада, во што искрено не верувам и не посакувам!) – да направи марионетска или „украсна“ опозиција, а ако во тоа не успее, опозицијата да ја остави на раб преку секој легитимитет, и уште ќе направи сè јавно да не постои.

За овие околности Мицкоски сонува, на овие околности се надева. Знаејќи го сето ова, Мицкоски уште и на Груевски ќе се обиде да му докаже дека и тој може да биде калиф наместо калифот. На Груевски ќе се обиде да му докаже дека пилчињата се испилкаа и сега ќе ја „папаат“ кокошката, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. Така работат логиките во тој до-злабога досаден, глупав и коњуктурен свет.

И сега некој ќе го постави бесмисленото политичко прашање: имал ли Мицкоски „коалиционен капацитет“? Не, нема, не затоа што не би знаел да се договори, охооо, знае тој да подмачка и тоа како. Коалиции, драги мои, се прават на некакви идеи и вредности, на некои комплементарни програмски определби. Ако тоа го нема, не е далеку денот кога ќе исчезнат коалициите и ќе остане само тој, заедно со неговиот „партиски тотем и табу“.

Целата колумна на Ненад Јовановиќ за Фронтлајн на следниов ЛИНК.