Пред секои избори, истите проверени финти: табли со нови имиња испишани на албански, кои можеле да се постават и пред два и пред 22 месеци, ама сега имаат специфична изборна „употребна“ вредност за да ги покачат меѓуетничките тензии… По што веднаш се објавуваат подготвените партиски соопштенија… Треба да се претпостави дека следуваат меѓуетничките „закачки“ по автобуси и во училишни дворови… Па повторно нови партиски соопштенија… Може и некоја посериозна тепачка да се организира, ако се извади некој дрвен крст или метален орел од специјализираните предизборни магацини за провокации… Е, тоа веќе заслужува патетични партиски прес-конференции за предавства и загрози… Па веднаш дузина дебатни емисии и расправии со познатите десетина ликови кои имаат за задача да ги засилат тензиите…

Класика. Координацијата за предизборните провокации меѓу ДУИ и ВМРО е воспоставена и за овие избори, улогите се поделени, тимовите се извежбани, тајмингот е усогласен.

Врвот се планира за 26 март, кога треба во Скопје да се сретнат фудбалските репрезентации на Македонија и Косово во плеј-офот на Лигата на нации. Како што може да се дознае, овдешните македонски и албански навивачки групи – главно деликвенти на услуга на разно-разни домашни полициски и политички подземја, со „експертска“ асистенција и од соседството – веќе се состанале, секој со своите групи најистакнати насилници (Македонциве, наводно, во некој манастирски двор во тетовско), каде се договарало како да се изведат нередите кои би ја натерале полицијата да интервенира… Ќе има и палење државни знамиња, веројатно и провокации кон косовските полицајци, кои ќе ги придружуваат навивачите од Косово, за сето тоа да оди во директен пренос на социјалните мрежи, за да може таму троловите и лудаците да ја засилат хистеријата и предизборно да ја „развлечат“ барем две недели… Плус десетина загрижени партиски соопштенија, десетина огорчени прес-конференции и десетина плукачки дебатни емисии… Бројот на одвратните твитови и фејсбук-статуси преку кои ќе се шири етничкиот говор на омраза не е утврден, тоа е оставено на самоиницијативноста и имагинацијата на знајните и незнајните будали распослани на интернет…

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниов ЛИНК