Има петли кои мислат дека сонцето изгрева поради нивното „пеење“и нивните шарени  пердуви. Но, има и луѓе кои им ги кинат главите на петлите кои први кукурикаат и ги будат од спиење рано пред зори. Што мислите дали граѓаните на Македонија ќе му ја „скинат главата“ на Зоран Заев оти прв почна да кукурика многу силно уште пред мугри не оставајќи не да спиеме на раат. Едно време имаше една народна поговорка „кој рано рани две среќи граби”. Сега како и сѐ друго и тоа не важи, па ја фалсификуваме и лажеме како ни годи: кој рано рани останува ненаспан. С. Македонија по 30 години длабок сон почнува да се буди мамурна, тешко, многу тешко се расонува. Тоа е така низ целата ни славна историја.

Најновото рано кукурикање кое предизвикува тревога е објавата за првата предизборна македонско- албанска коалиција. СДСМ и БЕСА одат заедно на парламентарни избори. Во Македонија, па макар и северна, ваков историски чин предизвикува шок и неверица,  се уште нерасонети тоа е дочекано како ново предавство не само на македонските, туку и на албанските национални интереси бидејќи ранобудниот петел направи неподнослива ѓурултија од која веќе не може око да се затвори. Убаво си беше победник со победник да си прават пазарлак за поделба на пленот по одмерување на силите меѓу нашите и вашите, меѓу тие и ние. Ова вака не се знае кои се ваши,  а кои се наши. Сите стануваат наши што е многу опасна работа.

Предизборна коалиција која предизвика паника

Нормално засегнатите ДУИ и ВМРО ДПМНЕ први ја открија големата завера против националните интереси и на Албанците интегративци  и на Македонците вмровци. Другите што не се во ДУИ и во ВМРО ДПМНЕ не треба ни да се есапат. Тие се предавници, изроди и непријатели кои ги распродаваат националните и државни интереси.

Прв се огласи гласноговорникот на ДУИ Бујар Османи, заменик премиер задолжен за евроинтеграции. Кога се во прашање битките за власт  вртоглаво растат националните интереси, а паѓаат европските стандарди и вредности. Па така од голем поборник за припадност на европското семејство  и за членство во ЕУ и во НАТО, Османи  се обидува со немушт јазик да им објаснува на граѓаните колку е опасна оваа работа со предизборна коалција меѓу СДСМ и БЕСА. Па вели дека таа непринципелна коалиција  го дерогира Охридскиот Договор, го дерогира одлучувањето по Бадентер во Парламентот и  го нарушува принципот на коалиција победник со победник. Употребата на неразбирливиот збор за поширката јавност „дерогира“  е всушност обид да се затскрие заканата за дестабилизација на земјата со предизвикување на  меѓуетнички тензии пред изборите за мобилизација на Албанците да се спасува ДУИ од тежок пораз. Терминот „дерогација“ и „дерогирање“ означува законски пропис да се стави вон сила, исто така, значи ограничување, или поништување на закон.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниов ЛИНК.