Го слушам вчера професорот Мирослав Грчев како во студиото на „Утрински брифинг“ (разговорот може да го најдете овде) буквално ја растура на најситните мизерни парченца одлуката на Владата да не го руши, туку да го „пренамени“ она грдо бетонско здание што требаше да биде споменик на Мајка Тереза на централниот Градски плоштад во Скопје. Тој споменик, чие поставување беше направено со експлицитно кршење на барем десетина важечки закони, нема врска со Мајка Тереза, вели Грчев, туку е споменик, „ахитектонски тумор“, на едно диктаторско, фашистичко самоволие на еден јужно-американски, криминален автократ кој сакаше своите политички и психолошки фрустрации да ги проектира врз целата нација.

Навистина, човек да се праша која кокошка им го има исколвано мозокот на „идеолозите“ во СДСМ? Тие, во сличниот „технократски“ стил на Груевски, процениле дека рушењето на онаа недоправена бетонска грдотија би било прескапо, па затоа е поефтино (?!?!) да се доправи „во нешто друго“, отколку да се тргне засекогаш пред очите на урбанистичката, архитектонската, граѓанската, цивилизираната пристојност на нормална Македонија?

Но, не се работи овде само за популистичките „полутани“ од власта кои можат да ви најдат 100 изговори зошто нештата со „Скопје 2014“ се сè уште такви какви што НЕ ги ветуваа пред да дојдат на власт. Овде се работи и за молкот – со исклучок на Грчев и уште два-тројца – на целата прогресивна, либерална јавност која оваа одлука на Владата тотално ја „преспа“ на најмалограѓански начин што можете да го замислите, растрчани во борбата за покачување на универзитетските плати или по конкурсите за средства во разни културно-политички области коишто ги субвенционира власта.

Што стана со архитектонските архи-бригади кои и ќотек јадеа спротивставувајќи му се на урбанистичкото лудило на Груевски? Каде се помладите професори, колеги на Грчев, асистентите, студентите од неколкуте градежни и архитектонски факултети, невладините здруженија, да го кренат својот глас? Што стана со стотици од оние со кои го „гушкавме“ ГТЦ? Со илјадниците кои, во едно многу зло време, со голем личен ризик, но и со оптимистички насмевки на лицата, знаеја и на дожд и на студ и пред густи полициски кордони да се спротивстават на социјалното инженерство со кое Груевски сакаше да ни го „кастрира“ животот во сите сфери на нивниот болен проект?

Каде се денеска сите тие – НИЕ? Најлесно е, во она бескрајно, импотентно мрчење на социјалните мрежи, да се каже за политичарите дека „сите се исти“! Многу потешко е да си кажеме за себе дека, всушност, можеби „сите СМЕ исти“?

Но, во последен час (со еден „час“ задоцнување), така се погоди, за да му ја „спаси честа“ (а и дел од разумот) на СДСМ, вчера попладне, по разговорот на Мирослав Грчев во Утрински брифинг, се јави и скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој излезе со став дека, доколку Владата (предводена од неговиот СДСМ), наместо да го руши, распише идеен конкурс за пренамена на недоправениот „малигнен“ споменик, тој (како Град или лично, како граѓанин!) официјално ќе конкурира со идеја на тоа место да се „раскрчи“ обична, претпоставувам, урбано уредена пешачка улица. Таа ќе му овозможи на плоштадот урбанистички да „дише“ на еден нормален, цивилизиран начин.

Колумната на Џабир Дерала во целост прочитајте ја тука