Има 2 термина кои намерно ги користам од самиот почеток на коронакризата (уште пред прогласување вонредна состојба, полициски часови итн.) со цел побрзо да ја добиеме сите оваа битка:

1️⃣ ЗДРАВСТВЕНИ АВТОРИТЕТИ наместо доктори, министерство итн. Целта ми е да се даде јасно до знаење дека политиката и особено политикантството мора да се тргнат од овој проблем, како и поддршка за секој еден доктор и медицинско лице, вклучително вработените во МЗ кои се и мора да бидат на ниво на задачата и далеку од партиските етикети и препукувања. Потенцирам по којзнае кој пат дека здравствен проблем бара здравствено стручно решение. И тука нема место за ничија политика, па макар сме биле и сред предизорна кампања.

2️⃣ НАЦИОНАЛНА БОРБА и НАЦИОНАЛНИ МЕРКИ во справувањето со корона вирусот наместо владини мерки и владина борба – Целта е со конкретен пример да се придонесе во премостување на јазот и недовербата кои за жал секогаш одреден дел од нас ја имаат во јавните институции. За жал, не успеавме ни во 30 години самостојност ниту еднаш сите да прифатиме дека кој и да е на власт, институциите се и мора да бидат на сите граѓани и тие треба без исклучок да работат за секој од нас, независно од етникум, вера, политичка провиниенција, пол итн. Иако денес имаме широка влада составена од партиите од власта и опозицијата и одговорноста е поделена на сите политички чинители, сепак терминот „национална борба“ е многу посоодветен и им дава сигнал на сите граѓани дека се дел и придонесуваат во заедничката борба со коронавирусот и толку затоа не смее да има поделби на партии или по било која основа.

Може ова на прва да звучи како семантика или расправа за синоними, но во кризна комуникација и тоа како се важни термините. А, ова е кризна комуникација!

Радува фактот дека нашето општество како целина во голема мера покажа дека може и знае како да се носи со тешки предизвици, вклучително и овој со коронавирусот. Да продолжиме да го даваме придонесот преку почитување на заштитните мерки, а со тоа одејќи напред обединети и сложни, наместо поделени и разделени ради дневна политика и ситни лични агенди и профитирања. Секој од нас еднакво вреди, секој игра важна улога во нашето општество и секој дава придонес преку вршење на сопствената професија и истовремено преку почитување на националните здравствени препораки и мерки – да не дозволиме било кој да не натера да мислиме поинаку!

ФБ статус на Бојан Кордалов