Линеарното зголемување на пензиите ќе ни натовари нови 4 милијарди евра долг во следните 10 години
Да го разгледаме влијанието врз буџетскиот дефицит и растот на јавниот долг од таканареченото „линеарно“ зголемување на пензиите од 5.000 денари месечно и да го споредиме со редовното зголемување на пензиите поради следење на трошоците за живот, односно инфлацијата (на дијаграмот).
Накратко, во следните 10 години Македонија ќе мора да се задолжи за 3,98 милијарди евра заради покривање на буџетскиот дефицит предизвикан од линеарното зголемување на пензиите од 5.000 денари месечно, вклучувајќи ги и каматите. Тоа е цената што ќе ја плаќаат идните генерации за остварување на предизборното ветување и доаѓањето на власт. Им се прават добри на пензионерите со парите што ќе ги враќаат нивните деца и внуци. Наместо да се примени одржливо решение, односно зголемување на стапката за придонеси за ПИО, одбрано е неодржливо решение со создавање буџетски дефицит и задолжување.
Доколку пензиите се зголемуваа само следејќи го зголемувањето на трошоците за живот (стапката на инфлација), тогаш ефектот врз буџетскиот дефицит и растот на задолженоста би изнесувал само 875 милиони евра.
Да ги видиме сега бројките. Во Македонија моментално има 340.000 пензионери, а просечната пензија изнесува изнесува 411 евра (извор: fokus.mk). Доколку пензиите беа зголемени за 4,2%, следејќи го растот на трошоци за живот, вкупниот раст на буџетскиот дефицит би изнесувал 70,4 милиони евра.
Меѓутоа, со „линеарно“ зголемување (како што погрешно се нарекува униформното зголемување, според математичката терминологија) од 5.000 денари месечно, масата пари за пензии, а со неа и буџетскиот дефицит и задолженоста се зголемува за 331 милиони евра годишно и тоа во првата година. Ова одговара на зголемување на просечната пензија од 19,7%, иако кај малите пензии ќе биде поголемо, а кај поголемите – помало.
Но, тука не се работи за еднократен трошок од 311 милиони евра (за што на пример унгарскиот кредит одвај би ни помогнал 1,5 година), туку за трошоци најмалку во наредните 10 години, односмо до 2035 година кога пензионерите ќе започнат да примаат пензии и од сопствените заштеди во приватните пензиски столови. Вкупно, заедно со каматите (при каматна стапка од 4%) по 10 години нашата задолженост би пораснала за 3,98 милијарди евра само по овој основ.
Тука не држи објаснувањето дека овие пари можат да се најдат без задолжување, бидејќи Македонија и во моментот нема пари за задоволување на сегашните буџетски потреби, па буџетскиот дефицит од 4% од БДП го финансира со задолжување.
Вака накусо изгледа работата кога се освојуваат избори со помош на непромислено и недомаќинско задолжување на народот што погрешно мисли дека добил нешто на подарок од власта. Наместо да плачат што ги заглавиле своите наследници, уште и се радуваат. Но, таква е ситуацијата кога имаме комбинација од финансиски необразовани граѓани и бескрупулозни политичари што ја злоупотребуваат неинформираноста и ги манипулираат граѓаните за сопствена корист.

ФБ став на професорот Дејан Трајковски