Гласање во дијаспората најверојатно нема да има на изборите следниот месец… До овој момент има само околу 1.500 пријави и повеќе од извесно е дека во следните девет дена, до кога е всушност рокот за пријавување, нема да се стигне до потребниот минимум од нешто над 6.400 пријавени гласачи…

Ова е и добра и ‘лоша’ вест…
Добра вест е затоа што за гласање во дијаспората, во овие услови сега, се трошат големи пари… Тие пари државата може да ги искористи за многу подобра намена… Дури и кога би имало гласање, речиси невозможно е да се стигне до квотата и да биде избран пратеник од дијаспората, па зошто би се ‘фрлале’ пари?
Ова е став и на партиската организација СДСМ-Торонто, иако истовремено жалиме што ќе биде пропуштена можноста за првпат СДСМ да извојува победа во Торонто, во Канада и во цела Северна Америка… Речиси две третини од досега пријавените за гласање во Канада се членови на СДСМ-Торонто…

Не беше лесно да стигнеме до ова…На изборите во 2011 година, за СДСМ гласаа само 8% од гласачите во Торонто… Кога на фејсбук страницата на СДСМ-Торонто ќе објавев некоја информација, многу Македонци коментираа дека СДСМ-Торонто мора да е ‘лажен профил’, затоа што не е можно некој во Торонто да е за СДСМ… До таму одеше перцепцијата на многумина…

Како се сменија работите?
Во декември 2016 година, Тихо Матевски од СДСМ беше дојден во Канада и иницираше да се формира партиска организација на СДСМ… За да се оствари таа идеја и за да се формира Иницијативен одбор, беше потребно да се најдат 10 луѓе што веруваат во СДСМ и што поддржуваат формирање на таа партиска организација…
Јас уште веднаш дадов поддршка за идејата и почнавме со реализацијата… Иако не беше лесно, успеавме да најдеме 10 луѓе и на 1-ви декември, 2016 г. го формиравме П.О.Д. СДСМ-Торонто, што веднаш беше потврдено и од Извршниот одбор на СДСМ…

Од тој ден, бројот на членови на СДСМ-Торонто е во постојан раст… На сите средби што ги организиравме во седиштето на СДСМ-Торонто, големата сала за средби и состаноци секогаш беше преполна…

И покрај тоа што (најверојатно) нема да има избори, СДСМ-Торонто ќе продолжи со своите активности… Уште позасилено… Ќе продолжи да ја шири вистината за социјал-демократските вредности и ќе продолжи да иницира разни форми на помирување и зближување меѓу Македонците во Канада… Лажната и ОПАСНА поделба на „патриоти“ и „предавници“ ќе остане во минатото, како лош пример за нешто што никогаш веќе не смее да се повтори… Малку сме за да се делиме!

ФБ статус на Ацо Лукароски