Мицковци не се ништо друго, освен надградена верзија на груевци. Тоа е истото друштво од времето на Грујо, истата банда која седумте години во опозиција ги искористи да ги усоврши и за еден степен повисоко да ги подигне методите на режимското владеење.
За волја на вистината, треба да се каже дека Владата на Грујо во првите две години од нејзиниот мандат нешто и работеше. Се’ до самитот на НАТО кој во април 2008 година се одржа во Букурешт, каде Македонија не ја доби очекуваната покана за членство во НАТО. И тука заврши се’ што имаше некаква допирна точка со државност, држава, институции.
Фијаското беше добредојдено за владејачката номенклатура, која преку ноќ се трансформираше во злосторничко здружување. За да веќе утредента преку антиквизацијата ја започне бесрамната пљачка на државата и вулгарното рушење на сите демократски начела, на граѓанските и политичките слободи и права.
Ова што денес ни се случува не е ништо ново, туку е втор дел од злото и бандитизмот на груевизмот – мицковизам. Само уште посуров, побесрамен и попростачки од веќе виденото, доживеаното и преживеаното.
Ароганцијата и чувството на семоќност и недопирливост, на мицковци им дава „натприродна“ сила и самодоверба да прават се’ што ќе им падне на памет, се’ што ќе им се посака.
Затоа со онаква леснотија вршат јавен линч врз Јавниот обвинител, небаре менуваат претседател на куќен совет.
Затоа со албанскиот партнер разговараат за нов државен грб со лав, за „ампутирана“ химна без зборови.
Затоа премиерот не чувствува потреба да објасни како со професорска плата се прави куќа од 450.000 евра, како се купуваат рачни часовници вредни 60.000 евра.
Затоа министрите молчат за нивното учество во перење пари преку сомнителни фирми од областа на енергетиката од Србија, Бугарија и Кипар, затоа се прават на удрени за нивните дивоизградени хациенди на брегот на Охридското Езеро.
Затоа на „кутрите“ пратеници не им се доста становите во Скопје, затоа арамиски стекнатите десетици илјади евра од патни трошоци не им стигнуваат ниту гуми да си купат.
Затоа не’ прават малоумни со идиотските „кошнички“.
Затоа не остана слободна ниту една национална телевизија.
Затоа сме таму кај што сме – во земја недојдија, со власт почурук од најголемиот чурук.
…И да не заборавиме: нашиот IQ е, сепак, само 81!
ФБ став на Зоран Милошески