Ова на фотографијата не е шталата на смртта наречена „дискотека“. На фотографијата е Македонија. Точно онака изгледа нашата имитација од држава: полураспадната, пеплосана, уништена, празна и злокобна.
Вчеравечер во Кочани оние млади луѓе не загинаа во несреќен случај. Не! Нив ги уби државата! Тие се жртви на корумпираните политичари и ситните души алчни за пари, самонаречени „бизнисмени“.
Цели три децении корупцијата систематски го разјадува македонското општество. Корумпирани министри, градоначалници, општински и државни инспектори, директори и раководители на институции… Секој како ќе стигне скубнува без мера и срам. Кршејќи од колачот, кршат по парче од разјадената држава.
Премиерот рече оти од денеска ќе имало темелни истраги, контрола на сите дискотеки, немилосрдна борба против корумпираниот систем. Прво ќе ги поразел сите кои ја довеле државата до овој степен на корумпираност, а потоа на избори народот ќе кажел за неговата морална одговорност!?
Ајде де? И сега треба да му веруваме на Мицко дека ќе ја среди државата? Како да се верува некому кој одбива да кажи како со професорска плата изградил куќа од 450.000 евра, станал газда на хидроцентрали, купил рачни часовници од 60.000 евра? Тој ќе се бори против корумпираното општество?
Кои се луѓето и институциите кои ќе ставаат ред во државата? Истите оние кои душмански ја крадат? Митаџиите кои бесрамно ги полнат џебовите, кои замижуваат и ја вртат главата пред секој криминал, пред секоја злоупотреба на јавните пари и општите добра?
Колкав е бројот на онакви штали кои работат до ситните сати и во кои престојуваат и малолетни лица? Во колку ноќни клубови и кафетерии на истите малолетни момчиња и девојчиња, без никаков проблем, им се продава алкохол и дрога? Во која нормална држава сопствениците на угостителски објекти можат да приграбуваат и узурпираат плоштади, паркови, улици и тротоари, ширејќи го својот „бизнис“ на сметка на уставно гарантираното право на слобода на движење и правото на мир на простосмртните граѓани кои ги почитуваат законите и редот во државата?
Не бива така, господине Мицкоски! Не може пироманот да биде пожарникар! Ти немаш легитимитет да зборуваш за право, правда и правна држава. Или како што српските студенти му велат на твојот ментор Вучиќ – ТИ НЕ СИ БИТЕН!
ПС: Наместо книга на жалост, подобро отворете книга на срамот. Ама земете некоја подебела, да може во неа да ги собере сите ваши гревови и криминали!
ФБ став на Зоран Милошески