Ме сретнува еден комшија деновиве таму кај Триумфална порта до плоштадот, имаше нешто гужва и многу полиција, онака нервозен зошто не можеше да излезе со своето возило ми вели што е сега ова кој ќе протестира пред Собрание? Му велам нема да биде пред Собрание, ВМРО ќе протестира за правда. Оф мори мајко, што дочекавме, па зар они се за правда, влезе нервозно во автомобилот и замина.

Да, точно е, некако заедничка е перцепцијата кај мнозинството граѓани дека оној протест за правда кој го организираа ВМРО-ДПМНЕ пред некој ден е една смешна фарса која одамна не е видена на овие простори.

Деновиве сум просто фрапиран од фактот како тоа политиката може да влијае кај некои луѓе до толку да се понижат како да се во циркус Медрано, само за да фатат одредена подобра позиција кај лидерот па не бираат средства колку повеќе ќе скокаат. Особено ми се интересни за набљудување оние претставници од херојската група “Ножиња“, име кое им го даде Никола Груевски затоа што не го сакаа многу Христијан, ама сега види мајката многу го засакаа, се наострија ножињата па скокаат и клоцаат секој ден, се борат без пардон да ја добијат неговата благонаклоност, ако треба редовно и на баци рака ќе му идат, секако и на интервју по сто пати ако треба. Но исто така ако треба и по некоја глупост од собраниска говорница ќе верглаат како онаа дека согласно Преспанскиот договор сме имале пет години период да ги менуваме имињата на институциите па џабе сме ја смениле онаа министерка што правеше циркус таму. Ма пази молим те, имињата и називите на државните институции немаат врска со тој преоден период за кој зборуваат, па и Христијан гледам го излажале и тој во вчерашното соочување со премиерот треска исти работи онака од ракав, па добро бе Христијан од толку стратешки советници немаше ли некој да ти каже нешто или подучи околу договорот, ама тоа е. Жално е што секогаш ваквите ликови ќе ги истиснат оние рационалните и умерените, оние кои знаат што е добро за државата, ама тоа во основа е секогаш повеќе изразено во недемократските партии со авторитарни самопрогласени и умислени лидери, како што е тоа во ВМРО-ДПМНЕ.

Кога од ништо сакаш да направиш нешто

Тешко е, навистина му е тешко на Христијан кога од ништо сака да направи нешто. Сето тоа добива една смешна гримаса а тоа го покажа и токму онаа пародија од протест. Кога сакате и се надевате дека со случајот “Рекет“ ќе рушите една демократска и проевропска влада и сите ресурски ќе ги насочите тука, па се ќе Ви пропадне поради брза, транспарентна и силна реакција на институциите и правосудството, секако ќе останете со прстот во уста. Кога ќе сакате да врескате од говорница за некакви бомби и ќе ја барате главата на премиерот, ќе Ви ја плеснат во судница онаа бомба над бомбите кога Боки бара средба ама добива одговор “Друже пријавен си ќе си одговараш“, пак ќе останете со прстот во уста, па не Ви останува ништо друго освен да се глупирате на протест и да ги терате ножињата да пуштаат петарди за Јово и Катица и да се самозапалат за Вас. Друже Христијан овде материјал за борба немаш, тоа го знаеш добро затоа сето ова е смешно и немаш поширока поддршка и нема ниту да ја добиеш на 12 април. И со корона и без корона вирус и со протести и без протести исто ти е, останува само она за патриоти и предавници да повторуваш и ништо друго не можеш да понудиш, освен враќање на Македонија во ќорсокак.

Но знаете една работа што ја забележав како и на секој пристоен човек кога ќе погледне кој се беше на онаа пародија од протест за правда, навистина Ви доаѓа некоја мачнина. Меѓу она стандардно партиско членство имаше и многу “фини“ друштва, се собрале све мој до мојега да бараат правда, какви све пробисветови имаше таму, луѓе со неколку кривични пријави за злоупотреба на својата службена положба, со еден куп сомненија за сторени кривични дела, со сериозни обвиненија, пуштени од притвор, луѓе кои беа спремни да убијат за власт на 27 април, некои маскоти од експерти кои тропаат глупости по телевизии и кои треба да се срамат, сите они се потерале да бараат правда, луѓето велат да не е смешно би било трагично. Све се они големи патриоти, ама заедно со Христијан ниту маршираа за името, ниту правеа такви проблеми во Собранието за уставните измени, но кога дојде Законот за Јавно Обвинителство, кога за нив дојде густо, тогаш на се беа спремни, па ако треба и ќе се тепаат, ќе маршираат, онака патриотски, не за друго.

Но едно треба на сите да нив да им биде јасно.

Оваа влада со сите нејзини мани и доблести, со сите нејзини грешки, направи драматично позитивна пресвртница во нашата историја и тоа на многумина ќе им се разјасни после неколку години. Оваа влада ја стабилизираше Македонија на економски, политички и меѓународен план. Оваа влада ја внесе Македонија во НАТО и ова ќе биде владата што ќе ги започне преговорите со ЕУ.

Оваа влада им обезбеди иднина на македонците.

Сакале ние да признаеме или не, многу настани во времињата кои се пред нас ќе се мерат и споредуваат пред и по оваа влада.

Но почитувани, онаа политика која ја делегитимиравме на минатите избори во 2016 се уште не е целосно поразена. На 12 април имаме историска шанса да ја поразиме и да се свртиме конечно кон иднината а не кон минатото. Тоа ќе се случи. Сите веродостојни теренски анализи кои се прават во ова предизборие кажуваат за една работа со која треба да бидеме горди а тоа е дека македонското гласачко тело веќе созрева и знае да носи правилни одлуки. Тоа не се однесува на оние партиски определени членови кои си гласаат секој за својата опција туку на оној голем процент на луѓе кои се уште не се изјаснуваат во анкетите за која партија би гласале. Но кога ќе ги прашате нив за тоа кој заслужува и кој може да ја води подобро државата во наредниот период, двојно повеќе луѓе се изјаснуваат дека тоа може да го прави актуелната влада. Да точно е, Македонците веќе гледаат кон иднината и оваа нација три пати ќе размисли пред да го стави ливчето во гласачката кутија, ќе размисли дали ќе избере иднина за себе и своите деца или ќе избере стагнација, враќање назад кон нови кризи и поделби, аман доста ни е од тоа, па младоста ни помина во некакви кризи. Исто така ставот на меѓународната заедница предводена од САД и ЕУ е јасна и недвосмислена во насока на поддршка на оваа влада и оваа политика и тоа гласно го кажуваат.

Новата предизборна коалиција која ќе ја предводи СДСМ со БЕСА е токму во таа насока, тоа е еден нов момент кој ќе придонесе да не бидеме во иднина уценувани по прашањето за нашите национални интереси од поединци или групи кои се лично засегнати и не сакаат правда, не сакаат почитување на закон, не ги почитуваат судските пресуди и бараат ревизии, не сакаат почитување на препораките на Венецијанската Комисија, не сакаат Закон за јавно обвинителство, е тој филм нема да го гледаат. Оваа наша Македонија е пред прагот на започнување на преговори со ЕУ, следи период каде што ќе мора да играме по други правила, по словото на законот, затоа велам оние што не се согласуваат со ова и сакаат да ловат уште во матно, тој филм нема да го гледаат па од која сака партија нека се и какви сака нека се патриоти, па макар и секој ден да маршираат за “правда“.

м-р Глигор Стоименов