Денес, кога ЕУ го одобри почетокот за преговори на членство, и кога се чувствувам и по малку свечено (16 години од кариерата работев на ЕУ проблематика), се изначитав постови и текстови дека ЕУ не била солидарна дека Русија и Куба испратиле воени доктори за помош на Италија и дека тоа било врв, дека ЕУ не вреди, ЕУ треба да се распадне. За сите, верувам неупатени, и за тие кои се впрегнати во немилосрдната пропаганда еве неколку факти за ЕУ, кои илустрираат дека ЕУ темелот за солидарност е жив и здрав:
1. На 22 март ЕУ одобри 50 милиони евра за Италија за споравување со корона вирусот. Дополнително во периодот 2014-2020 колку што трае буџетскиот период на ЕУ, Италија има добиено во просек по 6 милијарди евра годишно вклучувајќи и за медицина
2. За справување со Короната ЕУ одобри 37 милијарди евра од Кохезискиот фонд, за справување со ликвидноста од ЕРДФ фондот 8 милијарди евра, и дополнително 29 милијарди евра од структурните фондови.
3. Одобрен е и пристап до солидарниот фонд (за природни катастрофи и итните потреби на луѓето). Во овој фонд пристап има и Македонија
4. Најголемиот дел од буџетот на ЕУ се троши за посиромашните региони, а најголеми контрибутори се најбогатите. Шампион е Германија со 20 отсто учество а најголем корисник Полска со примени 16 милијарди евра во 2018
5. Притоа буџетот на ЕУ е помалку од 1 посто од тотална вредност на европската економија
6. Секој граѓанин на ЕУ практично (преку даноците) плаќа по 240 евра годишно во буџетот на ЕУ што е помалку од по една кафе шоља дневно
7. Администрацијата на ЕУ брои 60.000 луѓе и опслужува 500 милиони граѓани жители на европскиот континент. За споредба Министерството за финансии на Франција има 140.000 вработени. Ние имаме 140.000 административци
8. ЕУ троши помалку од 7 отсто од буџетот на администрацијата ( плати, пензии, згради, опрема). Се друго е за инвестиции и развој. Секое евро вложено во периодот 2007-2013 вратило 2.74 евра што е поврат од 274 отсто
9. Во периодот 2014-2020 ЕУ вложила во регионален развој (читај посиромашните региони) 460 милијарди евра и притоа обезбедила помош за: 1.1 милион компании, подобро здравство за 44 милиони европјани, заштита од поплави и пожар за 27 милиони луѓе, 17 милиони добиле канализација и пречистителни станици, нови модерни училишта за 6.9 милиони деца и 420.000 нови работни места во индустријата.
10. За на крај во 2018 Хрватска повлекла од ЕУ 1.1. милијарди евра неповртна помош, Бугарија 2.1 милијарди евра а Словенија 927 милиони
Честито нека ни е и со среќа. Кој не верува на податоците погоре, иако проверував и други, најилустративен е овој линк.
ФБ статус на Валентин Нешовски