Единаесетгодишното владеење на груевци и продолженото дејство на „прскањето со алуминиум“, до таа мера предизвикаа трајни и непоправливи последици по карактерот на државата, што тие станаа видливи и со голо око. Ако некој мислеше дека кукавичлукот на унгарскиот бегалец ќе ги намали токсините во воздухот, гадно се излажал. Отсуството на чедото на мајка Нада е само физичко. Во секој друг поглед, кога е во прашање неговата партија, негова во буквална смисла на зборот, речиси ништо не се променило.
Најбогатата партија во Европа, формално предводена од Мицкоски, ја има истата политичка матрица, истата антизападна ориентација и истата пропагандистичка реторика како и во времето кога груевизмот беше пуштен на најсилно. А сето тоа од едноставна причина што далечинскиот управувач за случувањата во партиската врхушка е во Будимпешта.
Се разбира, ниедна власт не е безгрешна и идеална. Исклучок од тоа правило не е ниту актуелната. Малку помалку грешни политики и малку повеќе џабалебароши и хохштаплери, кои како пијавици се залепиле на полугите на власта. И тука е грешката на Заев – што навреме не се справи со овие паразити, кои ниту во себе го носат социјалдемократскиот предзнак, ниту ја почитуваат партиската хиерархија, најмалку пак имаат почит кон човекот чии заслуги за испливувањето од застоената смрдлива баруштина, се недискутабилни.
Во меѓувреме, во најтешките денови кога светот се соочува со подмолен, невидлив и страшен непријател, на површина исплива уште еден, до вчера потценуван и омаловажуван лик. Венко Филипче се појави тогаш кога на народот му требаше некој токму како него: стручен, смирен, транспарентен, одмерен и трпелив државен службеник, кој ќе го преземе менаџирањето на целиот процес и, што е уште поважно, ќе ја стекне довербата кај граѓаните дека знае што прави!
Меѓутоа, ние сме народ познат по краткото паметење и експресното менување на ставови. Имајќи го во предвид сето тоа, а комбинирано со животната километража и тридецениското новинарско искуство „вежбано“ во редакции со име и кредибилитет, си дозволувам да прогнозирам дека е само прашање на денот кога медиумските платеници и партиските јаничари ќе тргнат во поход по „главата“ на Филипче!
Да бидеме начисто: кај нас пандемијата сеуште е во фаза на „загревање“. Факт е дека во периодот што следи рапидно ќе се зголемува процентот на инфицирани граѓани а, за жал, постепено ќе расте и бројот на починати. Тоа е вистината на која мора да и’ погледнеме во очи и со која, час поскоро, мора да се соочиме. Оти, само тоа е шансата да ја сфатиме сериозноста на ситуацијата и уништувачката моќ на вирусот кој клекна на колена многу моќни држави, со неспоредливо помоќни здравствени системи од нашиот: Кина, Италија, САД, Шпанија.
Целата колумна на Зоран Милошески за Публикум на следниов ЛИНК.