Кај нас, полицијата не казнува затоа што министерот за внатрешни работи Наќе Чулев не сака да ги казнува граѓаните. Вели дека некои останале без работа и немаат пари да платат казна, а и биле во лоша психичка состојба поради ограниченото движење.

Значи, тие што го кршат полицискиот час и што не ги почитуваат мерките за заштита се психички растроени од сознанието дека државата се грижи за јавното здравје. Нивното психичко здравје е полошо од здравјето на тие што лежат на Инфективна. Тие се и тоа како многу повеќе писхички растроени од семејствата во кои има заболени, кои не можат да си ги закопаат починатите…

Министерот Чулев, откако преходно се согласил да го намали буџетот на МВР, на Фејсбук си објави дека предлага награда од 15.000 денари за полицајците. За пожртвуваната работа во неказнувањето на псисхички растроените викендаши. Ама, Синдикатот на полицијата смета дека таа суме е понижувачка. Па бара награда од 25.000 денари.

Нема проблем. Можат полицајците да добијат награда и 25.000. И 250.000 денари. Ама, овие награди да не ги плаќаме сите. Полицијата само треба да си ја заврши работата. Нека ги соберат тие пари од процент на казните за неносење маска, за собирање во групи и за движење без дозвола во полициски час. Еве, по 5 проценти од секоја казна нека оди во фонд за пожртвувани полицајци. Таман. Тоа е најправедно решение. Така, парите за наградите на полицајците ќе им ги обезбедат само несовесните граѓани.

И тоа после може да остане добра практика за неселективно казнување. Доста беше само совесните граѓани да плаќаат. И тоа плаќаат дупло. Ем за несовесните што ја шират заразата и го блокираат здравствениот систем, ем за полицијата што не си ја врши работата.

Ама па, што да прави и Наќе Чулев? Збунет е. Тој е поставен од ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во преодна влада што треба да подготви избори, а партијата што го поставила, во текот на денот и до три пати го менува мислењето по однос на изборите.

На 27 февруари, лидерот Христијан Мицкоски изјавуваше дека „најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат коронавирусот како изговор за ВМРО да не го мобилизира народот и молеа бога да се случи ова“, а сега бара изборите да се одложат за наесен. Во ист ден тој вели дека избори на 21 јуни нема да има, а од партијата држат прес-конференција дека Владата не може да дели ваучери оти е предизборен период. Од една страна, ова ли се економски мерки? Од друга страна – не давајте пари пред избори. Еднаш – не сакаме вонредна состојба, сакаме избори. Друг пат, сакаме вонредна состојба, не сакаме избори. Од една страна државата пропаѓа, ние ќе ја спасиме, а од друга страна, ама ќе почекате до есен за спасување, нека допропадне.

Мицкоски не сакал да биде премиер, ако има макар и еден умрен од КОВИД-19, ама неговиот министер да не ги казнува тие што ја шират заразата. Не сакал да брои жртви од корнавирусот, ама да нема полициски час за Рамазан бајрам за да може вирусот лесно да си се шири на трпезите. На ифтар може, ама на избори не може… Контрадикторни им се нешто желбите.

Да се потсетиме уште еднаш. Правиме муабет за ВМРО-ДПМНЕ. Тие и во нормални услови, при обезбедено мнозинство на пратеници, направија криза од меѓународни размери на 27 април 2017 со организиран напад на Собранието, а сега нема да пробаат да направат криза во ненормални услови и кога нема Собрание? Па тие по рефлекс ќе направат криза. Тоа е начинот на дејствување на таа партија. Ако нема криза, тогаш ќе ја создадат. Така им е склопена машината да им работи. Нека пропаѓа и државата, само нас на крајот да нѐ изберете.

Дел од колумната на Горан Михајловски