КАРАЏОВСКИ

Во 1999, кога ги правевме првите чекори на тогаш експерименталното Лајф Радио, со една моја драга колешка направивме радио-репортажа во Институтот за јавно здравје за вирусот ХИВ-АИДС. Цел ни беше оваа тема, која беше едно големо табу и предизвикуваше стигма и разни шпекулации, да ја доближиме повеќе до граѓаните.

Беше актуелно, токму во деновите кога ИЈЗ правеше кампања за промовирање на превенцијата и тестирањето, што тогаш беше непопуларно токму поради разно разните шпекулации и стигми кои толку лесно се шират во оваа наша средина.

Не прими, како што примил и многу новинари пред нас и после нас, д-р Караџовски. Живо се сеќавам на репортажата, која ја завршивме со тестирање преку целосно запазување на процедурата на анонимност и заштита на податоците (главната тогашна грижа на луѓето околу тестирањето), што го објаснувавме практично за слушателите додека самите ја поминувавме процедурата.

И во годините потоа, како уредник, во повеќе наврати имав прилика преку новинари од редакциите каде уредував и податоците и информациите кои ги добиваа од него, да се уверам повеќепати во истото. Караџовски е врвен професионалец, еден од најдобрите што ги има нашата земја во здравството. Врвен и во стручноста, но и во начинот како да ги доближи и упрости за граѓаните сложените медицински термини и објаснувања.

Веројатно затоа е еден од лекарите кој е најмногу присутен во македонските медиуми со години. Досега не сум слушнал некој колега новинар да се пожали на него. Напротив, од секаде сум слушал само пофалби.

Денешниот негов настап, иако можеби за нечии вкусови преостар, е крик на еден професионалец. Искрен крик – кон една фела, со која со години има одлична соработка. Но, чинам, многу повеќе кон нејзината публика, а богами и политиката. Добро е сите заедно да го слушнеме тој крик, и да почнеме да ги слушаме професионалците.

ФБ статус на Петрит Сарачини