-Јас себеси се дефинирам како припадник на либералниот конзервативизам односно умерениот патриотизам, па согласно на тоа и тие ставови и политики ми се поблиски и прифатливи. За појаснување, либералниот конзерватизам е конзервативна идеологија со либерални становишта во поглед на економските, социјалните и етичките прашања.

За жал, не можам да кажам дека на нашата политичка сцена често се застапени овие становишта, односно не често гледам вакви ставови или политичари и политики од оваа пролиферација. Некако како се почесто да гледам екстремно десни и националистички ставови и политики, а во последно време гледам и некои екстремно лево ориентирани националисти. Како се приближуваат изборите очекувам оваа националистичка реторика се повеќе да зајакнува и да се засилува, за сметка на умерениот патриотизам кој се повеќе ќе се третира како предавство, а неговите приврзаници како не-патриоти. Ова е затоа што во ова време-невреме најлесно е да си националист. Се плашам повторно да не завладее националистичка хистерија, но потоа самиот си констатирам дека е време на избори, па во желбата за што е можно поголем улов на гласови, многу политичари ќе се занесат, па наместо прогресивни становишта и сфаќања на цена повеќе ќе бидат некои фундаментални вредности, кои нормално ќе бидат сериозно предимензионирани во политички цели. Ќе сакаат да ќарат на емоција, па прашања што воопшто и не треба да бидат ставени на маса и кои воопшто не се дискутабилни ќе бидат (зло)употребувани во изборната еуфорија. Секој ќе тврди дека повеќе ја сака сопствената земја од другиот.

Истовремено, гледам дека некои маргинални политички сили (партии) почнаа повторно да ја бранат и спасуваат земјава од федерализација, кантонизација или распаѓање. Искрено се надевам дека просечниот македонски гласач нема да падне на оваа евтина политичка провокација која има за единствена цел преку метод на екстремна иритација да излаже некои гласачи и на база на измислена опасност да привлече определен број на гласови. Прилично сум сигурен дека македонскиот гласач не е веќе наивен, а и мислам дека веќе на секому му е јасно дека со нашиот влез во НАТО сите овие приказни стануваат само наменска фикција кај некои неинвентивни и неспособни политичари. Но сепак, такви неинвентивни политичари постојат, не само кај нас туку и во целиот демократски свет, така што сега треба само да ги издржиме во наредните четириесетина денови, за потоа да видиме како наеднаш исчезнуваат и тие и од нив измислената опасност, се до следните избори.

Целата колумна на Никола Тодоров за Дојче Веле на следниов ЛИНК.