На Врховниот суд му беа потребни речиси две години да го оцени барањето за преиспитување на пресудите на Груевски и Јанкулоска. Тоа е навистина премногу, но за некои тоа е знак дека работите во судството ќе се менуваат.

Вчерашната пресуда на Врховниот суд, со која се потврдуваат пресудите на Апелацискиот суд во предметот за набавката на блиндираниот „мерцедес“ за Гордана Јанкулоска, Ѓоко Поповски и Никола Груевски, може да изгледа како конечно фаќање ритам на катарзата што ја очекува граѓанството во Македонија кога се работи за страшните случаи на корупција во политиката и државните институции. Тоа не е онаа катарза што ја најавува Христијан Мицкоски за , прочистување на неговата партија од сите наводни „печалбари“ во ВМРО-ДПМНЕ, кои сега го критикуваат неговото лидерство – туку, напротив, таа се наоѓа на сосема другиот спектар.

Јавноста не можеше да разбере како можеше петчлените совети во Врховниот суд да го одолгвлекуваат носењето на пресудата за затворските казни толку долго време – Груевски го поднесе барањето за преиспитување на судската пресуда во октомври 2018 година, непосредно пред да избега во Унгарија, а Јанкулоска тоа го направи во март лани, кога веќе се знаеше дека на 1 јули треба да замине в затвор. На Лав Толстој му требаше помалку време да го напише „Војна и мир“ отколку што судиите од Врховен требаше да ги разгледаат аспектите од случајот и образложенијата на пресудите. А за исто толкаво време колку што врховните судии ги разгледуваа барањата на Груевски и Јанкулоска тој направи седум верзии на „Војна и мир“ пред конечно да излезе во печат како целосна книга.

Се разбира, тешко е да се прават вакви споредби, некој ќе рече дури и дека се неумесни, но на одреден начин го отликуваат галиматијасот во кој се наоѓа судството многу години и децении. Партиски „пајаци“ (кукли на кои им се раководат движењата), политички компањони и други личности од невидливата мрежа на интереси ја одолговлекуваа пресудата за овие барања (без оглед каква и да беше) во исчекување на подобра политичка клима. Таа подобра политичка клима не дојде за оние што ја очекуваа и за оние што помогнаа во одолговлекувањето. Прв меѓу нив е тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој беше сменет од функцијата поради злупотреба на службената положба и под чие раководство највисокиот суд лани во март ексресно го прифати барањето на Јанкулоска да не оди во затвор. Првата етапа од таа „подобра политичка клима” беа претседателските избори што следеа брзо потоа, но климата за осомничените и осудените не се подобри. А се влоши за Вангеловски. Тој идната недела, на 25 септември треба да се појави на почетокот на судењето против него во процесот во кој е обвинет дека на една негова колешка не ѝ определил зголемување на платата за 35 отсто во време кога сите други судии добиле.

Целата колумна на Љупчо Поповски за Дојче веле на следниот ЛИНК.