Билборди, герилски акции, разни транспаренти, видео презентации, слогани и изјави со неосновани обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ултранационалистичката Левица за дискредитирање на проевропските партии СДСМ, ДУИ, АА итн., иако предизборната кампања официјално не е започната, е сликата на политичката сцена во Северна Македонија, на почетокот на новата година.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ наместо да ја презентира својата изборна програма пред граѓаните, како алтернатива на прогресивните политики на Владата, таа секојдневно се занимава со неосновани обвинувања, предизвикувајќи иритација кај граѓаните, а во некои случаи и наштетување и наелектризирање на меѓуетничките и меѓурелигиските односи, со својата популистичка и националистичка реторика.

Говорејќи за скандалот во М-НАВ, лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, освен што побара да се расчисти случајот и да постапат надлежните органи, што до тука е во ред, оди понатаму барајќи „ликвидација“ на инволвираните во скандалот, без да има судски епилог.

– Замислете што би се случило кога ваква би рекол бандитска група би упаднала на аеродромот во Вашингтон или на аеродромот во Париз или на аеродромот во Берлин. Или сега би биле уапсени, или би биле ликвидирани, изјави Мицкоски.

Од друга страна, партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО – Народна, во пресрет на двојните претседателски и парламентарни избори, гледајќи дека неговата поранешна партија игра на картата на национализмот, и тој се обидува да извлече корист на оваа карта. На повеќе локации во Скопје се појавија билборди на ВМРО – Народна кои повикуваат да се слуша македонска музика за да се заштити идентитетот.

Формално, кампањите во Северна Македонија не се ограничени. Единствено ограничување е од моментот кога ќе се распишат изборите, до официјалниот почеток на кампањата, само во овој период е забрането партиите да водат кампања. Но, предвремените кампањи имаат тенденција да направат, особено неопределените и апатични гласачи, да им здодее политиката и да апстинираат во поголем број.

Сепак, општиот политички амбиент најмногу влијае на апстиненцијата. Во современиот свет, но и кај нас, кампањите не престануваат, цело време партиите водат кампања. Но, она што треба да се забележи е дека имаме континуирана негативна „пинг понг“ кампања, со прес-конференции. Негативната кампања е полесна и побрза. Полесно е да се постигне и полесно е партиите да допрат до своите гласачи.

Истражувањето на јавното мислење покажува дека се зголемува бројот на неопределени гласачи и оние кои ќе апстинираат на изборите и може да ја намалат вредноста на изборите со намалување на процентот на граѓани кои излегуваат на гласање. Токму во таа насока се црните кампањи – да ги одвратат гласачите да излезат на изборите.

Врз основа на договорот што го постигнаа лидерите на парламентарните политички партии, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека на 8 мај ќе има двојни избори – вториот круг од претседателските и парламентарните избори.

Изборната кампања официјално започнува 20 дена пред изборите. До крајот на месецов се очекува да се гласа во Собранието и техничката Влада која ќе биде надлежна за организирање на претседателските и парламентарните избори. ДУИ соопшти дека за премиер на техничката влада ќе го предложи Талат Џафери, актуелен претседател на Собранието. Пратеникот Јован Митрески е предлогот на СДСМ за претседател на Собранието.

Дестан Јонузи за Фронтлајн