Нивните лажни и тажни вести наспроти вистината

Нов обид, ист резултат. Ист исход. Ист дебакл.
Се обидоа, по којзнае кој пат, да профитираат во време на пандемијата. Овојпат, со цената на нафтата. И како тоа веќе вообичаено се случува, новиот очајнички потег беше веднаш “демантиран”, овојпат од www.globalpetrolprices.com, една од најпознатите веб-страници која ги следи движењата на цените на бензините во сите држави на целиот свет. На неа јасно се гледа дека кај нас цените на бензините по литар се на дното во Европа. Пониски цени има само во Русија, Белорусија и Турција. Диспаритетот во цените (на табелата претставени во евра) е драматично голем во однос на некои наши соседи: ако кај нас цената на бензинот 95 е 0,79 евра, во Србија е 1,11 евра, во Албанија е 1,36 евра, а во Грција дури 1,37 евра.

Ако и постоеше некаква надеж дека ќе се вразумат, дека ќе разберат како треба да се однесуваат, сега веќе е јасно дека таа надеж е попуста.
Штета, бидејќи оваа состојба што не’ снајде со смртоносниот вирус требаше да ја сфатат како шанса за демонстрирање на чувство за колективитет, за солидарност, за заедништвото. Шанса преку наметнатата и неопходна социјалната раздвоеност, всушност, уште повеќе да се поврземе како луѓе, колеги, како сограѓани.
Залудно.

Сепак, ако ништо друго, оваа криза ќе ни покаже кои луѓе околу нас изразија сочувствителност, решителност, вредност. Со еден збор, хуманост.
Оние, пак, коишто на сметка на здравјето на своите сограѓани сакаа политички да испрофитираат, историјата брзо ќе им го покаже заслуженото местото.

ФБ статус на Андреј Жерновски