-До крајот на мандатот, до 2024 ќе отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. Еј што доживеавме, да гарантираме 80% од поглавјата во преговорите со ЕУ. Преку преговорите отвораме пристап до европските фондови и обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија. Грант средства за дигање на севкупниот економски раст и развој на нашата земја и на нашиот народ, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев во вечерашното обраќање на 4. Конгрес на СДСМ.
Тој вети дека повеќе пари ќе има за зелена агенда, за енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализација, патишта, водовод, за плати, за нови работни места, за поддршка на нови инвестиции и што ли уште не. Тоа се европски пари за европски стандарди дома.
-Европските стандарди на живеење подразбираат здрава и чиста животна средина и чист воздух за сите.На таа тема, ве повикувам сите да се кренеме во напорите да си ја исчистиме земјата. Сите за ЕКО држава!Затоа што е важно, важно е за сите нас, за нашите деца, за нашата иднина, затоа се ставаме во функција на обезбедување чист воздух и здрава животна средина. Следува строга контрола и високи казни за загадувачите!
Комунална полиција во секоја општина и 24-часовен надзор врз инспекциските служби.
Тројно повеќе еко инспектори. Тројно повисоки казни за фабриките кои немаат еко филтри. Двојно повисоки казни за граѓаните кои загадуваат на законски недозволив начин.
Помошта за нашите граѓани за современ и еколошки начин на загревање продолжува уште повеќе и уште подобро.
60.000 домаќинства ќе добијат бесплатен еко инвертер со цел забрана за употреба на фосилни горива. Обезбедуваме субвенции за приклучување на централно греење и за набавка на филтри на оџаците на домаќинствата.
Гасот пристигнува до семејствата, а данокот за увоз на електрични и хидрогенски возила го укинуваме.
Сите, ама буквално сите сме одговорни за животната средина!
Затоа, воведуваме задолжителни часови по хигиена во основното образование, но и задолжително сепарирање на отпадот за домаќинствата.
Следуваат масовни акции за чистење и пошумување со ангажирање на институциите и граѓаните. Бидејќи знаеме дека можеме и повеќе и подобро, порача Заев пред присутните.