Агенцијата за вработување денес објави Јавен повик до заинтересираните работодавачи и до невработените лица – корисници на гарантирана минимална помош за учество во мерката Субвенционирање на плати, која се спроведува во рамките на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ финансиран од Европската Унија.
За вработување на едно лице корисник на гарантирана минимална помош, работодавачот ќе биде финансиски поддржан од АВРСМ и ИПА проектот во износ од 19.000,00 денари месечно, за период од 12 месеци по вработено лице кое е корисник на гарантирана минимална помош. Нема ограничување на бројот на нови вработувања кои ќе бидат субвенционирани со оваа мерка.
Се повикуваат заинтересираните микро, мали и средни фирми, социјални претпријатија и граѓански (непрофитни) организации што се занимаваат со економска активност при вршење на својата дејност, нови претпријатија основани преку Програмата за Самовработување во 2019 година, кои имаат потреба за вработување на соодветни лица, да се пријават во работните клубови на Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Програмата не вклучува работодавачи од државни, јавни институции, единици на локална самоуправа и Градот Скопје.
Право на учество ќе имаат работодавачи кои ги исполнуваат следните критериуми:
вкупниот број на работници на денот на аплицирање и пред реализацијата на поддршката да не биде понизок од просечниот број на вработени лица на неопределено време во претходната календарска година, освен ако причините за намалување на бројот на вработени лица на неопределено време се поради прекин на работниот однос поради отказ од работникот, остварување на право на пензија, смрт, неспособност за работа, а не како разултат на деловни причини.
ги имаат подмирено сите обврски по основ на исплатени плати и придонеси од задолжително социјално осигурување;
немаат финансиска загуба во претходната година;
имаат најмалку едно вработено лице на неопределно време, со исклучок на граѓанските организации кои во моментот на аплицирање немаат вработено лице.
Огласот е наменет за работодавачи кои ќе вработат лица корисници на гарантирана минимална помош. Бројот на лица корисници на гарантирана минимална помош, кои работодавачот може да ги вработи преку програмата 2.1
За работодавач што има едно вработено лице, граѓанските организации кои немаат ниту едно вработено лице и правните субјекти формирани по 01.07.2019 година, максималниот број на поддржани вработувања на лица корисници на гарантирана минимална помош е исто така неограничен.
Работодавачот може на работникот да му исплати и повисока бруто плата од субвенционираниот износ.
Работодавачот е должен да го задржи лицето корисник на гарантирана минимална помош во работен однос во вкупен период од 18 месеци, за 12 месеци субвенционирање.
Условите, правата и обврските ќе бидат уредени со склучување на договор за субвенционирано вработување помеѓу Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, работодавачите и кандидатите.
Заинтересираните работодавачи можат да аплицираат до исполнување на предвидениот опфат на корисници на гарантирана минималена помош, односно до искористување на ИПА средствата наменети за оваа мерка.
Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, во ИПА канцеларијата на проектот на [email protected] и веб страницата на АВРСМ на следниот ЛИНК.