Европскиот совет и Европскиот парламент постигнаа договор за задржување на правото на бесплатен рачен багаж и надомест за доцнење на летовите според правилата за права на патниците во воздушниот сообраќај на Европската унија, по повеќе од една деценија преговори.
Според новите правила, патниците во воздушниот сообраќај сè уште ќе имаат право на бесплатен рачен багаж во кабината и на надомест доколку летот доцни најмалку три часа, што беше едно од клучните барања на Европскиот парламент, на кое се спротивставија неколку земји-членки на ЕУ, пишува Еуроњуз.
„Таксите што треба да се платат остануваат исти како што авиокомпаниите знаат речиси 20 години. Тоа е ситуација што носи предвидливост“, изјави висок дипломат на ЕУ за новинарите во петокот откако беше постигнат договорот.
Европските патници во воздушниот сообраќај веќе имаат право на надомест во износ од 250 до 600 евра доколку летот е откажан или доцни повеќе од три часа. Новиот текст, поддржан од законодавците на ЕУ, прецизира дека авиокомпаниите ќе плаќаат 300 евра за летови подолги од 3.500 километри, или 600 евра ако доцнењето надмине четири часа или ако летот на крајот биде откажан.
Новите правила, исто така, ги укинуваат надоместоците за рачен багаж во кабината, вообичаена практика кај нискобуџетните авиокомпании. Патниците сега ќе имаат право на еден бесплатен личен предмет со димензии 40 см x 30 см x 15 см и еден мал багаж на тркала, како што е мала торба или ранец.
На инсистирање на Европскиот парламент, транспарентноста на цените и споредливоста на авионските билети се зголемени со тоа што се бара од авиокомпаниите, посредниците и пребарувачите да ја прикажат цената на летот, вклучувајќи го и рачниот багаж, од почетокот на процесот на резервација.
Преговарачите на ЕУ се согласија дека авиокомпаниите можат да понудат поевтини билети за патниците кои доброволно ќе изберат да патуваат без рачен багаж.
Кога новиот закон ќе стапи на сила во 2027 година, авиокомпаниите ќе мора да вклучат и мал личен предмет и поголем рачен багаж во основната цена.
Иако оваа промена веројатно ќе ги зголеми почетните цени, особено кај нискобуџетните превозници кои моментално наплаќаат дополнително за рачен багаж во кабината, патниците кои ќе изберат да летаат без багаж ќе можат да изберат пониска цена.
Организациите за заштита на потрошувачите тврдат дека наплатата за рачен багаж е нелегална, особено преку практиките што ги користат нискобуџетните авиокомпании, и дека патниците треба да имаат право на надомест поврзан со доцнењата.
Сепак, некои авиокомпании почнаа брзо да воведуваат такси за рачен багаж во последните месеци, наведувајќи ги финансиските загуби од зголемувањето на цените на авионското гориво поврзани со немирите на Блискиот Исток.
Договорот беше постигнат во петок од амбасадорите на ЕУ и кипарското претседателство на ЕУ, кое претседава со Советот на ЕУ до крајот на јуни.
„Цените на авионските билети без багаж се рекламираат, а потоа багажот се наплаќа дополнително, па ако имате тркала, ако тие штрчат од димензиите, тогаш тоа е уште поголем багаж, па плаќате уште повеќе на аеродромот. Едноставно, Европскиот парламент сака некако да го ограничи и да го доведе во некаков вид нормалност“, рече европски претставник.
Како што изјави тој, рачниот багаж треба да биде вклучен во основната цена на билетот и тоа ќе биде основна понуда на сите онлајн портали, во агенциите, на сите места каде што се продаваат авионски билети.
„Секако, кој сака може да го отфрли тој багаж и да плати помалку или да додаде уште еден дополнителен кабински или дополнителен багаж за пријавување за да плати повеќе, и тогаш тоа е многу јасно прашање. Но, ова е стандард што се воведува каде што е потребно секој да понесе мал куфер со себе, едноставно да стави дел од своите работи, а не да облече пет слоја облека за да помине поевтино“, вели претставник од администрацијата на ЕУ.
Регулативата на ЕУ за заштита на правата на патниците во воздушниот сообраќај беше отворена за ревизија во 2013 година.
За време на преговорите што следеа, европските законодавци инсистираа на проширување на правата за багаж и посилна заштита на патниците во случаи на банкрот на авиокомпаниите, но поединечните земји-членки на ЕУ и авиоиндустријата се спротивставија на ова, пренесува Еуроњуз.








































