Овде ни оддалеку не се работи за тоа да се анализира само дволичноста, туку да се разбере фактот дека се работи за сосема различни, поточно, спротивставени концепти и постапки кои немаат врска една со друга. Од една страна се хуманитарните активности, а од друга – партиска пропаганда која кризата со коронавирусот ја злоупотребува за свои цели.

Со различен интензитет, Мицкоски(!) од ВМРО-ДПМНЕ ја бомбардира јавноста со повици за предвремени парламентарни, без малку од првиот ден кога беше поставен за претседател на партијата. Сега, кога му се на тацна, тој ги одбива, одолговлекува и блокира. Причините за тоа се познати. Неговиот трон се ниша („Пердуви летаат…“), затоа што и неговите најблиски соработници, освен што се лакоми за моќ, реално оценуваат дека е пропаднат, не само како спортист.

Истовремено, тој и неговата партија, заедно со клерот, антиваксерите, путинистите, анти 5Г рамноземците, квази зелените „природњаци“ и други параноици, прикриено или отворено повикуваат на непочитување на мерките за заштита од коронавирусот. Да не заборавиме, во истата насока одат и настаните поврзани со поглаварот-љубовџија (оној што се ожени со 50 години помладо чупе), кој прогласи смрт на коронавирусот. Џанам, со сабјата сам го убил. На врвот од овој горчлив колач, најгласен и со најмоќна агитпроп машинерија зад себе, се наоѓа Мицкоски(!) и, се разбира, неговиот шеф од Будимпешта.

Додека тонат во „отсјајот“ на секојдневните скандали, Мицкоски(!) и неговиот „технички“ Наќе, поврзани токму со непочитување и минирање на мерките за заштита од коронавирусот, непрекинато ги повторуваат фразите дека се загрижени за јавното здравје. Но никако не им текнува да се откажат од еден милион евра, колку што изнесува државниот буџет за нивната партија, а милионските долгови да ги покријат со огромниот капитал со кој располагаат.

Не го видовме ниту Мицкоски(!), ниту било кој друг функционер на ВМРО-ДПМНЕ да донира пари за солидарниот фонд за борба против коронавирусот. Но затоа агитпроп машинеријата им работи со полна пареа, почнувајќи од опскурни Фесјбук страници како Јован Кукузел, завршувајќи со ТВ Алфа и интернет куртоните, како што би ги нарекол самиот Латас. За тоа се потребни пари. Наместо за солидарност, тие ги трошат парите на црна пропаганда со лажни вести и говор на омразата.

Целата колумна на Џабир Дерала за ЦивилМедиа на следниов ЛИНК.