Драган Ковачки, кандидат за пратеник во ИЕ 3 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во последното видео интервју направено за еден портал конечно се одважи да оддаде признание на огромниот успех што го постигна политичката влада на СДСМ со внесот на државата во НАТО, нешто што во време на владеење на неговата матична политичка опција беше последна и најневажна работа на светот, а државата беше исфрлена од евроатлантските патеки заради криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ цели 11 години.
“Голем успех е што се влезе во НАТО, се оствари државната цел на Република Македонија. НАТО гарантира стабилност, гарантира безбедност и тоа е првата државна цел којашто ние ја имаме како политички структури и којашто сме должни да ја обезбедиме на нашите граѓани – стабилност и безбедност.
Има големи придобивки, првата придобивка е дека безбедносниот чадор е над нас, втората е дека очекуваме да дојде до релаксирање на меѓуетничките односи, третата придобивка е придобивката за вооружените сили и вооружениот систем каде нашите офицери ќе бидат упатувани на мисии на работни места во штабови на НАТО каде ќе можат да се здобијат со искуства кои можат да ни помогнат во развојот на нашиот систем за кризен менаџмент, па да можеме полесно да одговориме на кризи како елементарни непогоди и слично. Има доста придобивки” – изјави Драган Ковачки, кандидат за пратеник во ИЕ 3 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Добра вест е дека конечно некој од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најде прилика јавно да го пофали историскиот успех на претходната политичка Влада која успеа државата да ја внесе во НАТО и тоа во услови кога на сите фронтови требаше да се санираат штетите од деструктивното владеење на најпознатиот балкански азилант. Конечно некој да оддаде признание за исклучителниот успех кој е постигнат со формалниот влез во НАТО дури и во услови на пандемија, особено што на Ковачки му е кристално јасно колку незамислива идеја бил влезот во НАТО по низата штетни одлуки на претходниот груевистички режим во кој преживувавме цели 11 години.
Лоша вест е доколку со внимание го проследите интервјуто ќе забележите дека Ковачки како долгогодишен припадник во безбедносните структури има зачудувачки ставови за некои елементарни прашања кои на момент граничат со реалноста:
- Со кое право Драган Ковачки во интервјуто бројеќи ги починатите од пандемијата, бројката ја споредува со починатите од 2001 година кога државата беше во воен конфликт? Дали за еден припадник на армијата е нормално да споредува жртви на пандемија со жртви од воен конфликт? Дали само нашата држава во светот е погодена од пандемија, дали само кај нас умираат луѓе од коронавирус или Ковачки се служи со груба манипулација карактеристична за ВМРО-ДПМНЕ броејќи мртви за да удри по незалечениет емоции на овој кршлив народ?
- Во интервјуто наведува дека единствено здравствените авторитети имаат право да проценат и да кажат кога и дали може да се организираат избори? Нека му објасни некој на Ковачки дека токму здравствените аворитети се тие кои секојдневно се таргет на ВМРО-ДПМНЕ, дека од тие здравствени авторитети ВМРО-ДПМНЕ секојдневно бара оставки, дека тие здравствени авторитети велат дека вирусот ќе остане и мора да навикнеме на новите услови и дека мора да научиме сите процеси непречено да ги спроведуваме почитувајќи ги пропишаните мерки, а тука спаѓаат и изборите? Свесен ли е Ковачки дека токму ВМРО-ДПМНЕ, “партија на најголемите светски експерти”, проценила дека Комисијата за заразни болести е исполитизирина и бара оставки од нејзините членови? Нека се запраша Ковачки во која друга земја во светот опозицијата во ек на пандемија се труди да поттикнува недоверба кај народот во здравствените власти и да го поткопува системот, наместо да повикува на сплотеност и доверба со цел сите да се придржуваат кон мерките и побрзо да се излезе од кризата?!
- Ковачки тврди дека народот бил отруен со неважни теми заради неодоговорниот пристап на властите? Погодувате дека таа неважна тема е Мицкоски во кафана?! Па кој тука е неодговорен, тие што ги носат правилата или Мицкоски кој едвај чека нова мерка за да може да ја прекрши? Вели дека е точно дека неговиот лидер бил во кафана, но бил подготвен да плати и тоа е најважно. Не било во ред јавноста да се замара со небитни работи. Типично вмровски пристап, ќе правам што сакам и ќе гледам да не ме фатат, а ако ме фатат ќе платам. Помина тоа време кога сите проблеми се решаваа со плаќање. Постои нешто друго што еден политичар мора да го поседува, а тоа се вика достоинство, чесност и искреност. Ковачки дури и додава дека за него најстрашно е кој дал дојава дека Мицкоски е во кафана. Не е битно дека претендент за премиер бил во кафана и по стоти пат под нозе ги става сите мерки, проблем е како дознале за тоа. Добро позната стара мантра на ВМРО-ДПМНЕ, сè да се стави под тепих, да се сокрие, да се заташка, а ако не фатат “живи” ќе платиме?!
Еве каков кандидат за пратеник има на листа ВМРО-ДПМНЕ, еве со какви размислувања се служат истурени членови на ВМРО-ДПМНЕ во 21 век и тоа од позиција на опозиција. Замислете како би се однесувале кога би се вратиле на власт?! Пораката е повеќе од јасна: Ќе правиме што сакаме и ќе гледаме да не нè фатат, а ако нè фатат спремни сме да платиме?!







































