Денес, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, се потпиша Договор за изградба на првите два километри на автопатот Скопје – Блаце. Договорот, во присуство на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во улога на координатор на Владата за проектот Скопје – Блаце, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, го потпишаа директорот на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов и генералниот директор на А.Д. Гранит, Зоран Милковски.
Во своето обраќање, директорот Зоран Китанов ги образложи деталите од договорот и предметот на изведба. „Договорот за градежни работи за првите 2 километра од Граничниот премин Блаце до клучката за село Блаце“.
„По успешно спроведената постапка за јавна набавка, од пристигнатите понуди, како најповолен економски оператор кој ќе ги изведува градежните работи е избрана компанијата ГРАНИТ. Вредноста на Договорот е 747.239.717,00 денари без ДДВ или околу 12,2 милиони евра, додека работите треба да завршат во рок од 18 месеци од воведувањето во работа, што значи дека градежните работи ќе започнат оваа пролет, а првите километри од автопатот ќе може да ги возиме веќе следното лето во 2021 година“, истакна Китанов, посочувајќи дека во напредна фаза е подготовката и за втората фаза, со која ќе се реализираат и следните 10 километри од автопатот.
Целиот проект за автопатот Скопје – Блаце е во вкупна должина близу 13 километри, проценет на близу 120 милиони евра, од кои 27 милиони евра како неповратен грант се обезбедени преку Рамката за Западен Балкан на ЕУ, околу 70 милиони евра се предвидени како заем од ЕБРД, а останатите средства се од буџетот на земјата.