Според соговорници од раководството на владејачката партија, една од опциите е ВМРО-ДПМНЕ да излезе со нов предлог за министер за труд и социјална политика. Другата опција е со овој ресор до изборите да раководи дополнителната заменик-министерка.
Ќе има собраниска седница на која ќе се гласа за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, откако техничкиот премиер Оливер Спасовски достави таков предлог до парламентот.
Ова го најавуваат извори на 360 степени од раководството на СДСМ, откако барањето на Спасовски стигна кај пратениците, по што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави и одлука за излегување на опозициските пратеници од парламентот, на неколку дена пред неговото распуштање. Според Мицковски, потегот на техничкиот премиер е политички маневар.
Од СДСМ велат дека, ако Мизрахи биде разрешена, ВМРО-ДПМНЕ би требало да достави нов предлог за министер за труд и социјална политика во техничката влада. Ако ВМРО-ДПМНЕ не излезе со нов предлог, според функцинер на СДСМ, со овој ресор до изборите би раководела дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која е предлог на социјалдемократите. По изборите, пак, како што е предвидено со законите за влада и за избори, раководењето со овој ресор го презема редовниот заменик-министер, се до изборот на новата влада. Тоа во случајот е Ѓонул Бајрактар.
Спикерот Талат Џафери до овој момент нема закажано нова седница на чиј дневен ред би бил ставен предлогот за разрешување на Мизрахи, која во неколку наврати има настапи пред медиуми пред табла во Министерството на која стои старото име на државата, со што предизвика и протестна нота од Грција.
За разрешување министер треба да се обезбедат најмалку 61 глас во парламентот, колку што е минималната бројка за формирање парламентарно мнозинство. Проблем во случајот е тоа што парламентот е пред распуштање и неизвесно е дали ќе има време за уште една нова седница.