„Во сите релевантни извештаи за последните неколку изборни процеси не биле евидентирани политички притисоци, што не беше случај порано. Претходно имавме сериозни забелешки за злоупотреба на административците во изборни цели. Оваа Влада цврсто се залага за избори без корупција и ви гарантирам дека не постои системски притисок врз гласачи, а тоа и ВМРО ДПМНЕ добро го знае“- коментираше Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ и министер за администрација и информатичко општество во емисијата „Анализа“ на ТВ 24.

Во врска со нападите дека Владата на СДСМ и на ДУИ вработува нови кадри во институциите во пресрет на изборите, Манчевски одговори дека законски е одобрено до 12-ти февруари да се објавуваат огласи за вработување, особено како сите кои се објавени, за пополнување на неопходниот кадар.

„На почетокот на секоја година има зголемено огласи за ангажман на вработени со определено време, затоа што со истекот на претходната година завршуваат и нивните договори. Помина времето кога вработувањата беа условувани со изборни гласови, веќе сме држава која организира кредибилни и фер избори“- изјави Манчевски.

Од друга страна, институциите навистина немаат доволно, пред се стручен кадар и затоа секој оглас е оправдан. Дури и техничките министри на ВМРО ДПМНЕ потврдија дека институциите не се доволно екипирани.

Институциите постојано имаат недостаток од кадар. Затоа ниту еден оглас не е надвор од регуларните постапки.

„Во институциите затекнавме несоодветни систематизации, наместо да се вработуваат соодветни кадри, ние откривме вработен во Генерален секретаријат на Влада со завршена музичка академија. Затоа правиме хоризонтални и вертикални функционални анализи, работиме на целосна реорганизација на системот и не можеме тоа да го направиме преку ноќ оти така ќе се протолкува како партиска операција. Затоа одиме полека, стручно и посветено“- заврши Манчевски.