Денеска заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и претставници од Проектот за локална и регионална конкурентност, во Крива Паланка го пуштија во употреба новиот градски плоштад и градски парк.

Се работи за целосна реконструкција на плоштадот, практично нов плоштад, со зачувување на автентичните обележја. Изградбата опфаќаше партерно уредување, асфалтирање, поплочување со бекатон, изградба на мал амфитеатар, целосна замена на комуналната инфраструктура, користење на старата коцка и зачувување на градската фонтана.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски изјави дека општината во континуитет работи на проекти од ваков тип со кои се подобрува локалната инфраструктура и изгледот на градот. Директорката на проектот Антонија Шишак, соопшти дека ПЛРК е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.