Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски во последното интервју за Капитал, ги коментираше прогнозите за претстојните локални избори на есен и битките на различни партиски крила.

Некој можеби гледа битка, јас гледам демократија, различни мислења и ставови. Не како генерален секретар, како човек кој своите почетоци во партијата ги имав уште од младината, од СДММ знам дека тоа што го има СДСМ е демократска ризница, додадена вредност. Зборувам за вистински демократски капацитет, одговорен начин на работа и функционирање, јакнење на самата партија од внатре преку постојани промени.

Одлика на нашето социјалдемократско семејство кое секојдневно расте и се развива е да се менуваме, подобруваме, за уште подобро да служиме на овој народ и на оваа татковина. СДСМ воведе нов принцип на работа со зголемена транспарентност каде дури и внатрепартиските процеси се отворени за јавноста. Имавме за прв пат директни внатрепартиски избори на кои членството учествуваше со висок одѕив од над 90% говори само за себе. Но ние не застануваме тука, новата демократска вредност на македонската политичка сцена, СДСМ, ќе продолжи дополнително да придонесува во развојот на демократските процеси во земјата и во напредокот на татковината.

Сето ова граѓаните го гледаат и го вреднуваат. Впрочем затоа СДСМ шест пати досега победува на избори, односно ја добива довербата на граѓаните. Огромна е разликата помеѓу демократска СДСМ, реформирана, модерна, напредна, европска СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ во која ништо не се менува и која длабоко е заглавена во режимската матрица на Никола Груевски. Многу пати јавно сум ги повикал колегите од таа партија да почнат демократски промени, таму има одлични кадри кои за жал не доаѓаат до израз поради заробената партија, на ист начин како што беше заробена и целата држава.

Би се надоврзал и на вашето прашање за локалните избори. Како партија со најголема доверба од граѓаните, после шест изборни победи, врз основа на резултатот од сработеното на локално и централно ниво и политиките кои носат напредок и подобрување на животот на граѓаните, СДСМ е фаворит на локалните избори. Тоа го покажуваат и релевантните анкети. После конгресот на 16 мај ќе следи процес на филтрирање и номинација на кандидати за градоначалници и советнички листи. Неколкупати во јавноста имам акцентирано дека мислењето на граѓаните и мерит системот кој го воведовме ќе имаат клучна улога. Нема да задоволуваме лични апетити туку ќе настапиме со најдобрите кандидати пред граѓаните, со една силна, чесна понуда и убеден сум дека СДСМ ќе победи на локалните избори.

Ценам дека ова му е јасно и на нашиот политички противник, ВМРО-ДПМНЕ. Ако ја следиме нивната деструктивност, обиди само нешто да блокираат, да попречат, без понуда, без идеја и без став, заклучокот е дека освен блокади опозицијата нема што да им понуди на граѓаните. Знае дека народот нема да ги поддржи, па одат на тоа да направат само штета, колку што можат повеќе. Едноставно е. Мислам дека им е кристално јасно на сите.

Целото интервју на линкот ТУКА