Генералниот секретар на СДСМ и носител на кандидатска листа во Изборната единица 3 Љупчо Николовски денеска е во Кратово, од каде, од мостот над Кратовска река, кој се наоѓа на самиот влез на градот ги поздрави граѓаните и информираше за сите проекти кои се работат во интерес на граѓаните во овој регион.
Мостот над Кратовска река се санира, се работи и на коловозот и на пешачките патеки, информираше Николовски.

„Се реконструира и пристапниот пат до Центарот за брза помош во Кратово, ќе се санира и свлечиштето на регионалниот пат Кратово – Пробиштип. Ова се само мал дел од проектите што се работат за граѓаните. Има уште многу. И ќе има уште повеќе!“ – порача Николовски.

„Во изминатите две и пол години покажавме што значи вистинска грижа за сите граѓани. И инфраструктурно и за подобрување на економскиот стандард. Го цениме трудот, нема веќе работа за срамни 9.000 денари минимална плата. Ја зголемивме на 14.500 денари, а ќе оди до 20.000 денари во следниот мандат. 12.000 стечајци добиваат по 8.000 денари до нивно пензионирање. Тоа е почит. Тоа е разлика! Пари за граѓаните има и секогаш имало, само треба да се работи домаќински.“ – истакна Николовски.

Тој рече дека иако состојбата е тешка, како што рече, се борат против последиците од коронавирусот и сите погодени од корона кризата добиваат институционална и солидарна помош.

„Еве само во Кратово, 521 лице ја искористи мерката субвенции за плати од 14.500 денари и 50 проценти придонеси, а 1856 лица добиле платежни картички.Во целиот Исток 24.431 лице добиле вакви субвенции, а 54.174 лица добиле платежни картички.Има разлика драги пријатели. Од општество во кое ВМРО-ДПМНЕ 11 години газеше врз достоинството на луѓето, особено кон сиромашните и стечајците, денес станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите, држава која се стреми сите да имаат и да уживаат еднакви права.Значи можело! Сега одиме понатаму. Нема веќе одложување. Правосудството мора да се прочисти од корумпираните судии и обвинители.“ – порача Николовски истакнувајќи дека е „Време за ред и дисциплина во сите институции!“

„Функционерите и институциите мора да се отчетни, транспарентни и чесни. Законски ќе бидат обврзани да ги објавуваат сите службени трошоци во извршната, локалната и судската власт, а за оние кои нечесно ќе работат, ќе следат санкции. Администрацијата ќе биде департизирана, намалена за 20 проценти и целосно во функција на граѓаните. Нема веќе патни трошоци за пратениците во Собранието. Тоа водеше само кон страшна злоупотреба. Тоа е разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ние се грижиме за граѓаните, тие се грижат само за себе. Затоа на 15 јули граѓаните без двоумење ќе се определат за СДСМ и Коалицијата „Можеме“! За нов мандат, за целосно враќање на редот и правдата!“ – децидно порача Николовски пред кратовчани.