Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски во интервју за Капитал зборува за новите мерки во Планот за борба против корупцијата и подготовката на Закон за потекло на имот.

За прв пат добиваме Закон за потекло на имот, со што ќе се овозможи да се испитува како одредено лице го стекнало имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни оданочени приходи. Законот ќе ги опфати не само избраните и именувани лица, туку и сите граѓани. Конкретно, секој треба да докаже на кој начин го стекнал имотот и капиталот, доколку тоа ги надминува редовните оданочени примања. Готова е студијата за потребата од изработка на Закон за потекло на имот, формирана е работна група (меѓународни и домашни експерти и претставници од сите релевантни институции ДКСК, УЈП, Управата за разузнавање, МВР, Јавното Обвинителство, Финансиската полиција, Царинската Управа), која започнува со подготовка на овој закон.

Ќе се проверува и имотот на поранешните функционери, бидејќи честопати избраните и именувани функционери имотот стекнат за време на мандатот го ставаат на туѓо име, на член од семејството или пријател, а по завршувањето на мандатот го впишуваат на свое име. Со ваквите системски реформи, воведуваме контрола на капиталот, со што го отвораме патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот, спречуваме оштетување на буџетот и незаконско богатење врз грбот на граѓаните.

Дополнително во истиот контекст, се планира нова мерка со која го прошируваме опфатот на лица од администрацијата кои ќе имаат законска обврска да поднесуваат анкетни листови за имотна состојба и изјави за судир на интереси т.е. сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва. Оваа обврска ќе важи не само како досега за функционерите, туку и за службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања, инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници.

Недозволиво е едно раководно лице во администрација да биде и на таа позиција и паралелно да има консултантско  друштво, а тоа да не го пријавува никаде. Во насока на проверка на имотот и капиталот, би споменал дека веќе е во функција уште една алатка, Регистарот на вистински сопственици, за што рокот за впишување на правните субјекти заврши на 27-ми април. Во рамки на законскиот рок својата обврска навремено ја завршиле  69.284 субјекти, односно близу 90% од субјектите кои се обврзани да поднесуваат пријави. Преку овој регистар, чиишто информации се јавно достапни, секој може на едноставен начин, да добие информација за тоа кои се вистинските сопственици на некој правен субјект, но и да провери дали и каде сѐ, некое конкретно лице се јавува како вистински сопственик.

Целото интервју на линкот ТУКА