Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев вечерва пристигна во Тирана, Република Албанија, на Состанокот за унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан каде со домаќинот, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ веќе одржаа неформална средба.
Ккао што соопшти Владината прес-служба, премиерот Заев, заедно со останатите лидери, вечерва ќе го проследат концертот „Никогаш нема да бидеш сам/а“, како донаторски настан за реконструкција на штетите од земјотресот од 26 ноември, оваа година, што го погоди градот Драч и други населени места во Албанија.
Централните активности започнуваат утре со работната сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан на состанокот во Тирана, по што ќе следува и пленарната сесија на која учество ќе земат и претставниците на политичките и финансиските институции на ЕУ, од Светска Банка, од Советот за регионална соработка (RCC), како и претставници на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.
За заклучоците од оваа сесија на иницијативата за унапредување на соработката на Западен Балкан, лидерите ќе информираат на прес – конференцијата која ќе се одржи како завршница на средбата.
Како дел од програмата, учесниците на состанокот во Тирана ќе го посетат Драч како израз на поддршка на граѓаните кои беа погодени од трагичните последици на земјотресот.