Аналитичарот, новинар и професор, Сашо Орданоски на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Сајбер нападите – предизборно оружје“, зборуваше за неодамнешниот сајбер напад врз серверот на „Слободен печат.

“Серверите на Слободен печат се лоцирани во Франција. Првите предупредувања стигнаа од таму, дека сме под жесток напад. Интересно во случајот е што компанијата идентификуваше 5 адреси од каде се врши нападот кои беа од Македонија. Некој да се дрзне од Македонија, и тоа не од приватни туку од државни институции како еден од поголемите државни универзитети, од едно од поголемите министерства во владата, една од најголемите енергетски компании, една од најголемите ИТ компании и од поголемите национални телевизии… Тоа се адреси кои би требало да бидат максимално заштитени.

Ако овој напад е проба пред изборите тоа може да има сериозни политички импликации. Замислете што ќе се случи ако на 3 април некој го хакира серверот на Фондот за пензиско осигурување, на пример. Зад тоа не стојат луѓе кои се шегувале тој ден, туку се работи за промислен организиран и смислено изведен напад“, истакна Орданоски.

Сајбер нападите врз интернет медиумите се сериозни кривични дела, a постои голема можност истите да се случат пред изборите. Ако ние како потенцијална членка на НАТО не сме способни да се избориме со ваквите предизвици, тоа во одредена мера ќе не компромитира. Токму затоа е неопходна поголема компјутерска безбедност, но и поголема информираност на граѓаните за овој проблем, беше заклучено на денешната панел дискусија на ЦИВИЛ „Сајбер нападите -предизборно оружје“ во Скопје.

Сајбер нападите според нашиот закон е кривично дело кое повлекува повеќегодишна затворска казна. Таквото однесување може да биде и дел од некакво поголемо криминално здружување значи уште едно кривично дело организиран криминал, злосторничко здружување, рече Стојановски и додаде дека за нашата држава е клучно да градиме доверба во институциите.

Пред крајот на предходната недела се случи сајбер напад кога во исто време многу од медиумите, меѓу кои и Граѓански збор не функционираа неколку часа заради хакерски напад над серверите.