Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска ги презентираа резултатите на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година.

Дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ се осврна на реализацијата на Младинската гаранција, како мерка која е насочена исклучиво кон младите лица, кои се иднина на нашата држава, како инвестиција во нивното знење, доградба и преквалификација. Свесни за предизвиците како што се високото ниво на младинска невработеност и иселувањето, сите мерки од Оперативниот план се насочени пред се кон поддршка и поттикнување на младите луѓе, додаде Шкријељ.

„Младинската гаранција е една од носечките европски иницијативи, а Република Северна Македонија е единствена држава, која не е членка на ЕУ, а започна со реализација на овој проект. Започна со реализација во 2018 година, најпрвин како пилот проект, за во 2019 да се прошири на територијата на цела држава. Охрабрени сме со резултатите од реализацијата на Младинската гаранција, во 2019 година 20.301 лице се опфатени со оваа мерка. Секое младо лице во рок од 4 месеци по пријавување во Агенцијата за вработување добива можност за вработување, обука, преквалификација или практиканство. Од бројката на вклучени, 52% се жени, охрабрува што мерките кои се креирани се атрактивни и одговораат токму за млади девојки и жени. Само во 2019 година бројот на вработени преку младинска гаранција се 6004 лица, а овој број ќе продолжи да расте, во април 2020 година би можеле да ја имаме конечната бројка за лицата вклучени во 2019 година. Радува што мерката има позитивен ефект кај ранливите групи на лица, како што се Ромите. Во 2019 година во младинска гаранција се вклучени 1457 Роми, од нив 212 се веќе вработени. Во последниот квартал стапката на невработеност кај младите изнесува 35,3%, за споредба во 2016 тој процент беше 48,2%, а паралелно расте стапката на вработеност. На институциите останува да продолжиме да рабтиме во овој правец и да се издвојат се повеќе средства имплементација на вакви програми“, заклучи дополнителната заменска министерка Шкријељ.