Македонскиот државјанин Миско Л. обвинет за убиството на Ставрула Левентаки на Крит, денеска ќе се појави пред судот.
Во аудио-снимка од разговор меѓу обвинетиот за убиството на Ставрула Левентаки и нејзиниот брат, која ја објави „Лајв њуз“, се откриваат детали од нивната комуникација.
Во разговорот, обвинетиот изразува желба жената да биде пронајдена, наведувајќи дека така би можел да има „помирен живот“ и дека му е важно нејзиното здравје.
Според објавеното, во телефонскиот разговор 43-годишниот маж вели дека е исплашен и дека единствено сака жената да биде пронајдена.
Неговата сопруга пак, за телевизијата Мега вели дека тој е невин.
-Сигурна сум дека е невин. Го поддржувам и тоа до смрт. Мојот сопруг никогаш не погледнал друга жена. Ни како помлад, ни сега кога сме заедно 20 години, изјавила сопругата.
Според неа, Ставрула Левентаки била чудна жена и ова било само заговор против нејзиниот сопруг.
Четириесет и тригодишниот македонски државјанин, кој го изнајмувал нејзиниот имот, признал дека ја убил Ставрула Левендаки. По убиството, според досегашните информации, тој го ставил нејзиното тело во вреќа, го превезол со автомобил и го закопал во нива на околу пет километри од куќата.
Според првичните наоди, жената имала повреди во пределот на градниот кош и удар во главата, најверојатно нанесен со железен предмет.
Осомничениот наводно изјавил дека се скарал со жената поради штета што ја предизвикал во куќата. Според неговото тврдење, за време на расправијата дошло до напад, по што таа починала.
Полицијата од Одделот за борба против криминал и расветлување кривични дела во Ханија успеала да добие признание од осомничениот. Според информациите, тој детално им објаснил на истражителите што се случило утрото на 30 мај и им го покажал местото каде што било скриено телото на 45-годишната Ставрула Левендаки.
Погребот ќе се одржи во среда во црквата „Преображение на Спасителот“ во Варипетро, Ханија.








































