Според документи објавени од медиуми во Бугарија, генералниот секретар на Владата на Мицкоски, Игор Јанушев е поврзан со компанијата „ФЛУГБАН ТРАНС“ ДОО со седиште Ќустендил, објави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа вели, според документите, дејноста е „патен линиски превоз на стока“, управител е Кире Гешоски, а има и трет партнер – Сашо Апостоловски.
„Инаку сите од кругот на Мицкоски. Фирмата пријавува годишен промет од околу 320.000 евра и нето добивка под 10.000 евра – незначително во споредба со прометот. Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, има бугарски пасош односно е бугарски државјанин. Прашањето кое треба да го одговори на кои бугарски корени се повикувал Јанушев? Сега излегуваат инфоррмации дека е поврзан и со фирма во Бугарија. Тука е суштината на скандалот кој бара институцинална истрага и постапка. Зошто Јанушев не го пријавл бугарскиот капитал? Во ниту еден од своите анкетни листови поднесени до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Јанушев нема наведено дека е поврзан со фирма во Бугарија“, рече Кузеска.
Таа додека дека СДСМ очекува сите надлежни институции да постапат, да отворат предмет и да ја информираат јавноста.
„За давање лажни податоци за имотната состојба на функционерите им се заканува затворска казна од шест месеци до пет години“, рече Кузеска.








































