Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, се обрати на конференцијата „Статусот и положбата на националните малцинства во Република Хрватска и Република Северна Македонија“, при што го истакна концептот „Еднакво општество за сите“.

Во продолжение, го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на премиерот Спасовски:

Ми претставува особена чест и задоволство да ја поздравам работата на конференцијата „Статус и положба на национални малцинства во Република Хрватска и Република Северна Македонија“.

На гостите од Хрватска им посакувам добредојде во нашата земја, а на сите вас, учесници на оваа конференција ви посакувам успешна работа и резултати за уште еден сериозен придонес за унапредување на етничките заедници во нашите земји.

Уверен сум дека оваа Конференцијата ќе донесе поттикнувачки препораки за уште поголемо збогатување и јакнење на дијалогот и процесите за соработката меѓу различните култури, чии граѓани ќе се чувствуваат еднакви и  рамноправни членови на заедницата. Исто така сум уверен дека и двете земји, и Северна Македонија и Хрватска, имаат што да кажат на темата на конференцијата.

Хрватска како земја членка на Европската Унија, и Северна Македонија како кандидат за членство на чекор до отпочнување на преговорите со унијата, ги имаат прифатени европските вредности за почитување, солидарност и неправењето разлика меѓу луѓето од различни етнички заедници. Тоа се темели за интеркултурното разбирање и со кои докажуваме дека можеме да бидеме модели за успешно и функционално општество еднакво за сите.
Непосредно пред новата година, нашата земја ја донесе Националната стратегија за развој на концептот „Еднакво општество за сите“. На донесувањето на стратегијата и претходеше широка дебата од која произлегоа многу конструктивни сугестии за јакнење на граѓанското општество. Ги вградивме сите тие сугестии со целосна почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики на сите етнички заедници во нашата земја, како посебна вредност и суштина на нашето мултикултурно општество.

Главна цел на Стратегијата е да придонесе кон унапредување на еднаквоста и интеграцијата на општеството преку интеркултурен дијалог и интеракција помеѓу мноштвото различни култури и идентитети, вклучително и етничките заедници, во земјата. Таа се стреми кон целосно усогласување и почитување на меѓународните обврски и препораки на клучните меѓународни организации, како Европската Унија, Советот на Европа и неговите тела и на политичките определби на ОБСЕ и „Насоките од Љубљана за интеграција на разнолични општества“ на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ од 2012 година.

Почитувани учесници на конференцијата „Статус и положба на национални малцинства во Република Хрватска и Република Северна Македонија“,

Јас сум застапник на ставовите дека правата на граѓаните во демократски уредените држави не се еднаш за секогаш дадени и дека секогаш можат да се унапредуваат. Имајќи го тоа предвид, верувам дека оваа конференција ќе исцрта насоките за унапредување на правата на граѓаните во двете земји како што доликува на земји со докажано традиционално взаемно пријателство и партнерство. Различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност и ќе продолжиме позитивно да ги користиме, да ги учиме нашите поколенија дека солидарноста, толерантноста и недискриминацијата по сите основи, се придобивките кои можат да уште повеќе да не  поврзат.

Сакам да се заблагодарам за поканата да ја поздравам работата на конференцијата и уште еднаш ви посакувам успешна завршница, и со дела да покажеме дека секој поединец е важен во нашето општество.