Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, даде видео интервју за МИА, во кое што одговори на повеќе актуелни прашања.
Во однос на тоа колку формирањето на техничката Влада придонесува во процесот на демократизација на општеството, премиерот Спасовски рече:
„Секоја шанса да се направи нешто заедно е вредна. Техничката Владата во 2016 година беше со цел граѓаните да донесат вистинска одлука на изборите, во моменти кога имавме режим од 11 години. Како демократизација на општеството, како држава којашто слободно функционира, формирањето и на оваа техничка Влада е вредна како концепт. Сите заедно треба да допринесеме во два правци: да продолжат сите стратешки приоритети на државата, да се обезбеди непречено нашето членство во НАТО Алијансата, да направиме сѐ да ги започнеме преговорите со ЕУ, да обезбедиме функционални институции, граѓаните да продолжат да ги добиваат сите услуги навремено, да продолжат сите проекти што ги започнавме и да имаме фер и демократски избори. Тоа се врвните приоритети на оваа Влада“, рече премиерот Спасовски.
Во однос на некои изразени стравувања од паралелизам во институциите премиерот Спасовски одговори:
„Оваа Влада функционира нормално, сите институции функционираат нормално. Затоа порачав до политичките субјекти, едно е да сакате да собирате политички поени, но тоа да не се прави на сметка на граѓаните и на државата, на остварувањето на нашите национални интереси. Борбата треба да е со концепти. Оваа Влада не е формирана некој да има повеќе или помалку политички легитимитет и кредибилитет, туку сите заедно да се вградиме во институциите и да гарантираме дека низ една фер и демократска атмосфера, на граѓаните ќе им дадеме можност да одлучуваат по кој пат ќе се движи државата во следниот период и тоа е основна обврска на сите нас“.
Во интервјуто, премиерот Спасовски го нагласува продолжувањето на дијалогот како клучна обврска на институциите и политичките субјекти.
„Дијалогот како највисока демократска вредност мора да опстои и во овој период и каде ќе се покаже најмногу ако не таму каде треба да се покаже, во институциите на системот. И во сите министерства, дијалогот мора да биде на ниво. Дијалогот како демократска вредност мора да функционира без разлика дали станува збор за легитимна политичка Влада, бидејќи оваа Влада е составена од повеќе политички субјекти. Општеството не смее да се враќа и да ги губи демократските вредности што беа изгубени до 2017 година. Да направиме чекор напред кон јакнење на институциите, чекор напред кон перцепцијата што ја имаат граѓаните кон институциите, што е многу важно. Затоа компарацијата на таа Влада во 2016 година и сега е невозможна, бидејќи имаме две различни состојби на државата: еден момент до 2016 година, хибриден режим, заробена држава, кога не функционираа институциите што се констатации на ЕК и денес – држава на прагот да стане членка на Алијансата, ќе ги отвори преговорите со ЕУ, слободна држава којашто има транспарентни институции, одговорни политичари, каде што се спроведуваат реформите, владее правото и ние мораме како генерација или како членови на оваа Влада да бидеме свесни за тежината и одговорноста пред нас, а тоа е сите овие придобивки од овие две и пол години да продолжат и понатаму“, рече премиерот Спасовски.
Во однос на состојбите во МВР, премиерот Спасовски, рече дека „денес имаме МВР кое што започна дел од реформските процеси и ги заврши успешно“.
„Системот на следење на комуникациите е целосно завршен со формирањето на Оперативно техничката агенција и елиминиравме на тој начин до најмала мера злоупотреба на човековите права како прислушувањето, за разлика кога имавме политичка криза поради прислушување. Ја реформиравме Управата за безбедност и контраразузнавање, се формираше новата Агенција за национална безбедност, финансиски го стабилизиравме МВР. 2019 година е година кога прв пат не пренесува долгови во 2020 година. За прв пат ќе се исплатат бонус плати на полициски службеници кои работеле повеќе од 150 часа прекувремено, имавме неколкукратно зголемување на платите на вработените, јакнење на системот на професионализација.
Влечев, како министер, конкретни потези за ослободување на институциите од криминогени структури и прв започнав да говорам дека мора да имаме ветинг во институциите и направив конкретен чекор за постапката за ветинг.
Нема потреба од муабети, констатации, за политички поени, некакви фасцинирања – има институции што функционираат, врз постапки тоа ќе треба да се докаже, што ќе значи и ослободување од криминогени структури“, одговори премиерот Спасовски.
Претседателот на Владата, Спасовски, во однос на евроинтеграциите рече дека тоа е стратешки приоритет на нашата држава.
„Оваа Влада е насочена кон продолжување на реформските процеси и приоритети, јакнење на политичкиот дијалог, надградување на меѓуетничките односи внатре во државата, кон економски раст и кон одржување на државава како столб на стабилноста во регионот. Ги затворивме сите прашања со соседите и сме единствена држава којашто гради пријателски и партнерски односи со соседите. Сето тоа се добри предуслови и аргументи и очекувам Европскиот совет да ја исправи својата неправедна одлука во однос на датумот на почеток на преговорите. Ние и натаму ќе продолжиме да даваме позитивни аргументи дека цврсто стоиме на патот и дека нашиот стратешки приоритет за членство во ЕУ нема алтернатива. Очекувам дека овие аргументации ќе ги земат предвид при носењето на одлуката. Час поскоро донесување одлука за отпочнување преговори за РСМ е јасна порака и огромна поддршка за граѓаните, но и јасна порака за целиот регион“, оцени премиерот Спасовски.
За очекувањата за изборите и по нив, премиерот Спасовски рече:
„Република Северна Македонија има сериозен демократски капацитет во институциите за да овозможи во мирна демократска и фер атмосфера, граѓаните да ги донесат одлуките. Очекувам дека граѓаните ќе донесат вистинска правилна одлука и дека РСМ ќе остане на правиот пат. Уверен сум во победа на концептот што значи напредок на државата, продолжување на сите процеси на интеграција во ЕУ, продолжување на проектите, градбата, силен економски раст, што ми влеваат сигурност за одлуката на граѓаните. Што се однесува на моите лични очекувања, никогаш нема да ставам личен интерес пред интересот на граѓаните. За мене е најважно да победат граѓаните со вистинска одлука и Република Северна Македонија да ја гледам како напредува, рече премиерот Оливер Спасовски, во интервјуто за МИА, во кое што зборува и за други актуелни прашања“.